Иако под контрола, во моментов во Прилепско се активни два пожара, информираат од прилепската противпожарна единица.
Едниот пожар е на потегот на селата Зрзе-Маргари, каде гори нискостеблеста шума и зафатени се 20-тина хектари.
Вториот активен пожар е на непристапен терен на потегот на селата Дрен-Смолани и е на многу поголема површина од околу 50 хектари.
Според Виктор Стојчески, командир на прилепската противпожарна единица нивните екипи и на прилепски „Комуналец“ и од јавното претпријатие „Црн Бор“ се на теренот.
– Горат нискостеблеста шума, сува трева, а кај Дрен-Смолани имаше зафатено и бор, но тоа е спречено да се шири. Пожарите се веќе трет ден. Иако се под контрола, сепак се активни. Поради непристапноста на теренот кај селата Дрен-Смолани побаравме и авионска интервенција за гасење – рече Стојчески.