Луиџи Ди Мајо, еден од клучните луѓе во новата италијанска Влада е во поход на медиумите кои ги обвинува дека „ја загадуваат расправата“ и упатува закани дека државните фирми ќе престанат да огласуваат во нив, пренесува Н1 – Белград.
– Весниците секојдневно ја загадуваат јавната расправа, а најлошо е тоа што го прават со јавни пари – објави на Фејсбук лидерот на движењето Пет ѕвезди (М5С). Тој предупреди дека Владата во следниот буџет планира „намалување на недириктните државни придонеси“ во медиумите.
– Подготвуваме писмо на државните фирми од кои ќе бараме да престанат да им плаќаат на весниците за купување простор за огласување – нагласи Ди Мајо, кој е потпретседател на Владата и министер за економски развој.
Исто како и основачот на М5С, тој е уверен дека медиумите се обидуваат да ја поткопаат владејачката коалиција во која е и Лигата, чиј шеф Матео Салвини е министер за внатрешни работи.
Ди Мајо и неговата партија, премиерот Џузепе Конте и неколку министри од редовите на Лигата, кои во најголем број комуницираат пред Твитер и Фејсбук, покренаа низа напади врз традиционалниот печат во име на „одбрана на народот од естаблишментот“.
– Тоа не е новинарство. Тоа е само пропаганда со цел да се бранат интереси на мала елита што мисли дека може да задржи контрола и кога врне и кога грее сонце – напиша 32-годишниот Ди Мајо.
– Не ги читам италијанските весници за да се информирам, туку за да разберам како сакаат да не нападнат – додава тој.
Рафаеле Лорусо, претседател на италијанското новинарско здружение ФНСИ вели дека Ди Мајо „не е навикнат на притисок на медиуми или на идејата за слободен печат“.
Салвини и Ди Мајо се големи корисници на социјални мрежи и постојано објавуваат видео снимки на Фејсбук и пораки на Твитер.
– Преферираат социјални мрежи бидејќи на тој начин може директно да им се обраќаат на своите поддржувачи и да зборуваат што сакаат, објаснува Лорусо.
Салвини неодамна откри дека една од неговите видео снимки на Фејсбук ја погледнале повеќе од осум милиони луѓе и тоа според него „е многу повеќе отколку што би добил во традиционалните медиуми“.
Овој последен напад на лидер на партија што се залага за демократија и често ги осудува медиумите за лажни вести, предизвика тревога во Италија и поради тоа реагираше и претседателот Серџо Матарела.
– Безусловна слобода за медиумите е темел и клуч на демократијата – нагласи Матарела.
Новинарскиот ветеран Ецио Мауро во коментар во „Ла Република“ напиша дека изјавите на Ди Мајо го откриваат всушност неговиот страв.
– Во неговиот свет весниците се непријатели, слепи патници, паразити – смета Мауро и додава дека заканите на министерот покажуваат „страв од слободно, независно, плуралистичко и автономно јавно мислење“.