Тргнете во лов на службени возила по митинзи

Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, вели дека до сега не се отворени предмети поврзани со изборите, но оти сите информации стигаат до нив.

1397

Ловот на функционери кои со службени возила се развозуваат по митинзи, поткупот на гласачи, вработувањата и други прекршувања во текот на изборната кампања започнаа. Антикорупционерите немаат надлежност да одат на терен и да истражуваат по митинзи, но затоа секој граѓанин може да пријави неправилности, а пријавата е објавена и на сајтот на Државната комисија за спречување на корупција. Злоупотреби, на пример, со службени возила може да се документираат и со фотографија.

На сајтот на Антикорупциска поставена е и веб апликација, односно регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавните претпријатија и сите други државни фирми и таму возилата може да се пребаруваат и по институција и по регистарски таблици.

Претседателката на оваа комисија, Билјана Ивановска, вели дека до сега не се отворени предмети поврзани со изборите, но оти сите информации стигаат до нив.

– Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси и во Изборниот законик – повика Ивановска.

Според двата закона на кои се повика таа, во периодот од 20 дена изборната кампања, која започна на 1 април, покрај службените возила, забрането е и користење канцелариски простор и друга опрема за потребите на изборната кампања. Од ова правило исклучок има само за лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита.

– Забрането е и вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачите или членови на нивните семејства и нивни блиски лица. Државната комисија ќе ја следи кампањата на сите кандидати и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе преземе мерки, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара тие да постапат – рече Ивановска.

Во изборна кампања не може да се одржуваат и јавни настани по повод започнување со изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со државни или пари од јавни фондови, како што се патишта, водоводи, далноводи, канализации, спортски игралишта, училишта, градинки итн.

Меѓутоа, под оваа забрана за јавни настани не се подразбира изјава на функционер или кандидат на некој митинг, интервју или дебата на медиум и одговор на новинарски прашања.

Покрај неправилностите во овој период од 20 дена, Антикорупционерите можат да ловат прекршувања и во поголем временски интервал, односно од денот на распишување на изборите, 8 февруари 2019.

Во оваа група нерегуларности спаѓаат сите започнувања со изградба со државни пари ако за тоа не биле предвидени финансии кога се правел Буџетот за оваа година.

– Не може да се започне и со постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и во јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи – потенцира Ивановска.

Исто така, не може да се испаќаат плати, пензии, социјална помош и други исплати и надоместоци од Буџетот или од јавни фондови освен ако не станува збор за редовни месечни исплати. Тоа значи дека не смее да има едногодишни исплати и еднократни исплати од државната каса ниту пак може да се потпишуваат колективни договори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...