Тргнаа коњаниците на „Илинденски марш 2018“

294

Од Горно Лисиче вечерва тргна традиционалниот коњички марш „Илинденски марш 2018“ што треба да заврши на 2 август во Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Во црквата „Св. Петар и Павле“ се одржи свечена литургија по што беа испратени 24-те коњаници, кои учествуваат на јубилејниот 40-ти коњички марш организиран од Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, како покровител на манифестацијата, порача дека како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш е автентичен израз на македонскиот стремеж за слобода.

– Овој Илинденски марш на најавтентичен начин симболизира една голема вистина, дека никој и ништо не може да го запре нескротливиот марш кон слобода. Никој и ништо веќе не може да ги спречи коњаниците од цела Македонија достоинствено да се упатат кон Крушево, кон нашата прва република, рече Иванов.

Упати повик кон граѓаните од сите краишта на нашата татковина во што поголем број да дојдат во Крушево.

– Да дојдат во нашата прва македонска република, да се искачат на Мечкин Камен, за заедно да ги пречекаме овие храбри и посветени коњаници. Да ги пречекаме и поздравиме нивниот истраен и незапирлив марш кон слободата. Бидејќи слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано, изјави Иванов.

Претседателот Иванов, на организаторите на коњичкиот марш Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“ им го додели признанието „Повелба на Република Македонија“.

Повелбата се доделува по повод 40 години од организирањето на традиционалната манифестација „Илинденски коњички марш“, за исклучителен придонес за негувањето на културното наследство и вредностите поврзани со чествувањето на Илинденското востание.

Низ 40-годишната традиција на коњичкиот марш досега учествувале над 1.000 коњаници.

Коњичкиот марш денеска почна од паркот Јане Сандански во општина Аеродром, придружуван од играорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“.

Во рамките на настанот, во организација на Црвен крст „Кисела Вода“, во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ се одржи и крводарителска акција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...