„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот“, ја цитираше обвинетиот за организирање на 27 април, Трајко Вељаноски, поранешен претседател на законодавниот дом, познатата мисла на македонскиот револуционер Гоце Делчев и додаде:
– Македонскиот народ најмногу страда од слугите на сите режими – додаде Вељаноски кој денеска во судницата рече дека ќе ја каже целосно позната мисла, а не, како што тоа го направи во воведните зборови на првото судско рочиште обвинителката Вилма Русковска, која зборувајќи за делото за кое ги обвинува четворицата поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека „историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера, се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа“.
Русковска тогаш го обвини поранешниот претседател на Собранието дека не мрдал со прст за да го спречи хаосот во Собранието, но дека во тие моменти не заборавил да се допишува со експремиерот Никола Груевски.
На ова денеска во своите воведни зборови одговори Вељаноски:
– Ќе докажам дека по прес-конференцијата на пратеникот Зоран Заев испратив порака и до Никола Груевски, а од него добив порака препратена од Панче Кралев – додаде Вељаноски.
Тој објасни дека тие пораки не влијаеле на текот на собраниската седница.
– На 27 април 2017 година, некаде околу 13 часот, пратеникот Зоран Заев зеде збор и го кажа следното „ќе се носи одлука во оваа сала, во некоја друга сала, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правен“. Ќе докажам дека ова ми укажуваше дека може да дојде до тензична ситуација. Но, со оглед на тоа дека имаше многу пратеници пријавени за збор, не ни очекував дека ќе дојде до избор претседател на Собранието – рече поранешниот спикер на Собранието.
Тоа што го кажал Заев во салата, рече тој, го кажал и на прес-конференција подоцна, а службите преку порака го известиле Вељаноски за тоа.
– Таа порака само ја препратив до Никола Груевски, кој беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ – тврди Вељаноски кој во своите воведни зборови говореше и за настанот со пратеникот Зекирија Ибрахими, кој ја пееше албанската химна од говорницата во Собранието.
– За време на пеењето немаше превод од собранискиот преведувач и јас не бев запознаен што се пее на албански – додаде Вељаноски прашувајќи зошто Ибрахими не бил сослушан во истрагата ако обвинителството тврди дека неговото пеење било иницијална каписла за 27 април.
Поранешниот претседател на Собранието пред судечкиот совет во детали зборуваше за одржувањето на собраниската седница и за прекршувањата на Деловникот и на Уставот кои биле направени во законодавниот дом при изборот на претседател, а рече дека во текот на постапката ќе докаже дека обвинението за делото терористичко загрозување на уставниот поредок е политички прогон.
– Ќе докажам дека ова Обвинителство, исто како и СЈО, било коцка од мозаикот за присилување пратеници за гласање на уставните измени. Сметам дека ова обвинение е направено за политички цели од политичка партија која е на власт. Смешно е делото терористичко загрозување на уставниот поредок за кое сум обвинет – рече Вељаноски.
Тој обвини дека станува збор за политички прогон, а дека обвинителството нема никакви докази за делото тероризам.
– Ќе докажам со материјални докази дека јас до 17 март немав барање за конститутивната седница. Откако на 17 март ми беше доставено такво барање јас веднаш закажав подготвителни состаноци. Тоа ќе го докажам со факти. Ќе докажам дека од 30 декември до 17 март немало никаква основа за одржување на конститутивна седница. Потоа на сите состаноци предлагав пратениците да се откажат од реплики, од говорење за да преминеме на четвртата точка, избор на претседател на Собранието – рече Вељаноски во својот воведен говор за судењето на организаторите на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Судењето е во тек.