Во исчекување на првата пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, пред новата зграда на Кривичниот суд во Скопје се поставени метални огради, а досега се собраа и триесетина граѓани во знак на поддршка на обвинетиот.
Поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски и екс градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски дојдоа пред судот за лично да му дадат поддршка на поранешниот лидер и премиер Груевски.
Во првиот ред е и познатиот Бате Геле кој носи маица со ликот на Груевски, а уште една маица со неговиот лик тој закачи на оградата.
Меѓу групата граѓани може да се забележи и уште еден од обвинетите од страна СЈО, кој заедно со Груевски седи на обвинителна клупа во случајот за насилството во Општина Центар.
Пред судот присутни се и голем број новинарски екипи.