Трансферот на српскиот фудбалер, Александар Митровиќ, од белгискиот клуб Андерлехт во Њукасл во јули 2015 е предмет на истрага од страна на белгиското федерално обвинителство, дознава белгискиот весник „Де Морген“.
Утрово околу девет часот во просториите на Андерлехт во Брисел, како и на две други локации во градот, се спроведени неколку полициски операции во врска со трансфери на фудбалски играчи.
– Истрагата е поврзана со перење пари во рамки на трансфери на фудбалски играчи, изјави портпаролот на обвинителството, Ерик Ван Дојзе, но одби да даде повеќе детали.
Според изворите на весникот „Де Морген“, обвинителството било информирано неодамна дека во случајот на трансферот на српскиот фудбалер, кој чинел 14 милиони фунти, „испрани се многу повеќе пари“, пишува весникот, и дека трансферот е договорен за многу повисока сума.
Истражителите сакаат да знаат како се распределени провизиите од трансферот и каде отишле парите.
Полицијата утрово запленила голем број документи, информираат белгиските власти, а фудбалскиот клуб Андерлехт нагласи дека „целосно соработува со истрагата“.
Оваа истрага е целосно одвоена од големиот скандал „Валкани раце“ за наместени натпревари, кој го потресе белгискиот фудбал пред неколку месеци, информираат властите.