Трансродов маж не може да го промени полот во документите иако има пресуда и од Европскиот суд

185

Управата за водење на матични книги во Скопје, која е под надлежност на Министерството за правда вчера повторно го одби барањето на трансродов маж да го промени полот во документите односно во матичката евиденција и се прогласи за ненадлежна. Ваквото одбивање следува и покрај тоа што за овој случај пресуда против Македонија во јануари донесе Европскиот суд за човекови права, реагираат од Коалицијата МАРГИНИ.

Тие во нивното соопштение до јавноста ја пренесуваат сагата на трансродовиот маж наведувајќи дека во 2011 година лицето добило одобрение од МВР за промена на името и презимето во личните документи, а Управата за водење на матични книги го одбила неговото барање за промена на ознаките за пол и матичниот број, давајќи објаснување дека лицето нема извршено операција за потврда на родот.

„Обврската што Управата му ја наметна на лицето за доставување на медицинска документација не беше заснована на ниту една законска одредба, поради што лицето ја обжали одлуката на Управата пред Министерството за правда, а потоа и до Управниот суд. Од 2011 година сè до денес, случајот трипати се најде пред Управниот суд, при што Управниот суд во два наврати ја усвои тужбата на транс лицето, и ја задолжи Управата да донесе законито решение врз основа на домашното законодавство и праксата на Европскиот суд за човекови права. И покрај ваквите одлуки на Управниот суд, Управата во последната своја одлука се прогласи за ненадлежна да постапува по случајот, иако во меѓувреме Управата изврши промена во други два случаи, исто така врз основа на одлуки и задолжување од страна на Управниот суд“, наведуваат од МАРГИНИ.

Врз основа на тужбата поднесена од правниот тим на Коалицијата МАРГИНИ и лицето Икс, во јануари оваа година и Европскиот суд за човекови права донесе одлука против државата со која се утврди повреда на правото на приватен живот, а Управата беше посочена како одговорна за повреда на правото поради донесување на произволни одлуки во врска со барањето за промена на податоците.

По ова, во јуни годинава, Владата ја задолжи Управата да постапи според пресудата на ЕСЧП и во најкраток рок да одлучи позитивно, и да дозволи промена на ознаката за пол.

„Очигледно, господинот Јетмир Фета и неговиот тим не се согласуваат со овие одлуки, па и покрај утврдената повреда на правата на страна на лицето Икс, одбиваат да ја спроведат пресудата. Прогласувајќи се за ненадлежна институција, Управата го шиканира Евроспкиот суд за човекови права, го повредува принципот на владеење на правото и создава правна несигурност. Управата е директно одговорна за штетите што ги трпи лицето Икс и продолжува да го отежнува секојдневното живеење на ова лице. Како резултат на ваквите произволни одлуки на кафкијански службеници, лицето Икс останува во неможност и оваа година слободно да замине на одмор надвор од границите на државата, да добива, без страв и ризик од навреди и осуда, услуги во различни институции, да се движи слободно и еднакво како секој граѓанин на оваа, претпоставено, демократска земја“, пишува во реакцијата на Коалицијата.

Оттаму бараат итна и неотповиклива промена на раководството на оваа институција, и прекинување на молкот и толерирањето на вакви поединци кои газат врз правниот систем единствено како резултат на меѓупартиски договори во владината коалиција. Исто така, ја повикуваат Државната комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен да ја исполни својата надлежност, да ги заштити правата на лицето и да го одобри барањето.

Во меѓувреме, посочуваат од Коалицијата, ќе ја известат меѓународната јавност, Советот на Европа и сите останати меѓународни организации за заштита на човековите права, за континуираната пракса на поигрување со правдата во државата и непочитувањето на одлуките и препораките на Европскиот суд.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...