Транспарентноста на Заев

5381

Како што зборувавме, така и се покажа. Никогаш досадно кај нас. Таман се случило нешто, се појавува нешто ново, па поново и најново итн. Лично мене ми се допаѓа што нештата се одвиваат со брз интензитет, бидејќи тоа значи дека и решенијата би требало побрзо да дојдат. Дали и како ваквиот развој на настаните ќе се одрази на политичарите од власта и опозицијата останува дополнително да видиме, но за тоа нека му ја мислат тие. Сепак, политичарите се носители или се борат да станат носители на власта, а со тоа и да ги менаџираат парите кои во државната каса ги уплаќаат граѓаните и компаниите. Па, според тоа, и треба да се „измачат“ за да ги задоволат потребите и очекувањата од сите страни.

Во неделата во која на големо се зборува за судските случаи и СЈО, би сакал да се навратам на комуникацијата на премиерот Зоран Заев и руските пранкери. Мој став нема да кажам за СЈО, ниту за тоа каде настанала грешката во комуникацијата со лажните Порошенко и Столтенберг. Не затоа што немам личен став, туку затоа што тоа се теми надвор од мојата експертиза на работа. За нив нека се изјаснат истакнатите правници, судската фела, безбедносните експерти, стручњаците за протокол итн. Тие се најповикани јавно да говорат на оваа тема, а јас со ваквиот пристап на немешање во работите за кои не сум компетентен сакам да придонесам за професионализација и воведување на стандарди во секоја сфера од нашето живеење. Или, да го цитирам филозофот  Платон кој во својата идеалната држава вели дека „секому треба да му се даде вистинското место според неговите природни способности“. Народски кажано, секој треба да си ја гледа својата работа и да не го „пика носот“ каде што не му е местото и за што не е кадарен.

Сепак она што гласно одекна на прес конференцијата на премиерот Заев по објавата за измамата на пранкерите беше неговата изјава дека тој е „жртва на неговата отвореност и постојана достапност за сите“.

Со други зборови, премиерот потенцираше дека тој е транспарентен и отворен и дека е во постојана комуникација со сите. И веднаш би сакал да ја повлечам и мојата линија тука и да кажам дека се сложувам со него. И не само јас, туку многумина. Секако дека има граѓани кои не се согласуваат со Заев и неговите политики по многу прашања, но речиси и да не сум слушнал дека некој го обвинил актуелниот премиер дека не одговара на прашањата на медиумите или граѓаните.

Да, имало и забелешки и дека тој на моменти е дури преотворен и предостапен, но речиси и да немало „обвинување“ за него лично дека се крие од камерите, новинарските прашања или од одговорите кои од него директно ги бараат заинтересираните граѓани или компании.

Дали ни треба официјален комуникациски протокол?

Можеме и треба да разговараме дали и каков комуникациски протокол треба да има еден премиер и неговиот тим. Лично сметам (а, ова го нагласувам повеќе од 5 години) дека во 21 век или во ера на дигитализација секој премиер и јавен функционер треба да биде отворен за директна комуникација. Особено, во мала земја како нашата каде речиси секој с секако се познава или е во некое средство. Исто така, секој политичар е повеќе од неопходно да има воспоставено протокол на комуникација со јавноста, брза двонасочна комуникација со медиумите, како и интеракција на ПР тимот со граѓаните преку социјалните мрежи и другите онлајн канали на комуникација. И ова во најголема мера зависи од знаењето и вештините кои ПР челниците околу политичарите го имаат. Всушност, во извесна мера ова беше најавено од премиерскиот кабинет, заедно со информацијата дека на дел од советниците ќе им се заблагодарат за досегашниот ангажман. Ајде да видиме што ќе излезе од сето тоа.

Во јавноста кружи информација дека премиерот лично одговара на повеќе од 5.000 пораки кои ги добива дневно преку e-mail, Вибер, Ватсап, СМС пораки и слично. И се вели дека, граѓаните, добивале одговори од Заев во рок од два до дванаесет часа.

Бројката на пораки и остварена комуникација верувам дека е несомнено голема. Немам причина да се сомневам во тоа зашто сме мала земја и искуства на директна комуникација на луѓе со Заев може да се слушнат од многу страни.

Што работи министерско-советничкиот пи-ар двоец?

Но, прашањето кое е потребно сите да си го поставиме е што во ваквата поставеност на работите работи главниот ПР двоец во Владата? Што е потребата од министер за комуникација и транспарентност, а која е улогата на главниот ПР советник на премиерот во целата оваа приказна? На колку илјади пораки од граѓаните тие одговараат дневно? Која е нивната пи-ар рутина и динамика како столбови на кои треба да се потпира стратегијата за двонасочна комуникација?

Дали тие двајца треба да цитираат статистики кои според нив им одат во полза за лична промоција? Ако е тоа, би сакал да потсетам дека кај граѓаните се сеуште многу свежи едни владини повикувања на позитивни статистики од типот на „Дуинг бизнис“, „најдобра економија во светот“ и многу други. Всушност, една од причините за промената на претходните политики и власт беше токму цитирањето на статистики кои беа позитивни за некој ресор во власта, но граѓаните тоа во секојдневието не можеа да го почувствуваат.

Се надевам дека ПР двоецот ќе извлече поука од искуството на минатата власт и ќе запре со фалбите за резултатите кои тие ги оствариле мерливо во бројки. Бидејќи, новинарите ќе бидат задоволни кога ќе добиваат информации во секунда, дури и пред да ги побараат. Снимателите и фотографите кои имаат години и децении искуство ќе поверуваат во позитивните статистики кога ќе престане трендот на нови административци со тазе завршен факултет кои ним им наредуваат кога смеат, а кога не смеат да снимаат и фотографираат, а особено им укажуваат на која позиција треба да го наместат кадарот при земање на изјава или интервју од некој функционер.

Граѓаните ќе бидат „заведени“ од бројки и статистики во ПР делот само кога ќе можат да ја најдат посакуваната информација во секунда или да го извадат потребниот документ со еден клик без да шетаат по шалтери. Особено кога владиниот ПР тандем конечно ќе ни ја претстави и ќе профункционира стратегијата за двонасочна комуникација и интеракција со граѓаните преку социјалните медиуми и „чат“ платформите. Не знам како забораваат дека официјалните страни и канали на институциите на социјалните медиуми не постојат само за да ПР тимовите се пофалат што сработиле во нивниот ресор, туку се јакнат и со цел да одговорат на прашањата и потребите на граѓаните.

Дали можеби улогата на министер за комуникации и ПР советник е да изработуваат и сервираат закони за медиуми, кога во земјава има професионални медиумски и други стручни здруженија кои треба оваа материја да ја (само)регулираат?

Сепак, за да не биде само реторичко прашање и дилема, можам и на двајцата да им дадам првичен предлог за една нивна работна задача со која може да ги оправдаат своите државни плати. Нека појдат во потрага на големи и докажани ПР агенции во дел од земјите-членки на ЕУ кои се најскептични во однос на проширувањето на Унијата. Нека ги ангажираат со цел да изработат цел медија пласман на текстови и прилози со кои во вистинско светло ќе се прикажат потенцијалите на нашата земја во економијата, туризмот, придобивките за Унијата од нашето членство во ЕУ. Понатаму, да го прераскажат во детали европскиот пристап кој го имаме во решавањето на билатерални проблеми, нашата традиција и вредности кои се базираат на европските итн. итн. Сето тоа поткрепено со агенции кои на годишно ниво ќе го мерат степенот на подготвеност и одобрување на тамошната јавност за прием на нови земји-членки во ЕУ. Голем и многу потребен проект за кој знам дека двоецот има капацитет. Но, и проект кој оваа влада веќе треба да го има започнато, како и да продолжи во иднина од истата или било која друга власт. Сè до нашето конечно членство во Европската унија!

Ќе ми дозволите на самиот крај да прераскажам една анегдота која ја слушнав неодамна од еден мој пријател. На времето пред распадот на поранешната држава, вели тој, во една голема државна фабрика работела една негова пријателка. Тогаш тазе вработена и полна елан и идеи за работа. Но, по неколку години се случува распадот на социјалистичката економија и самоуправувањето, па настапила фазата на претприватизацијата на државните фирми. Дошол некој управник малку повозрасен од неа, но со кого лично се познавале. Тој во секој оддел ги поставил за раководители најмалку способните и според неа „најлепливите“ кадри. Неа ја одминал. Компанијата бележела сè послаби резултати и на крајот наводно се продала по багателна вредност. После цела деценија двајцата се сретнале на некоја седенка и имале можност да поразговараат насамо и на таа тема. Таа го прашала тогаш веќе поранешниот управник како и зошто дозволил сето тоа да се случи. Тој директно ѝ го кажал следното: „Ти мислиш дека не гледав каков потенцијал имаше ти, но и други кои воопшто не ги играв во управувањето на компанијата. Едноставно, тогаш таков се бараше!“

Мислам дека доволно е кажано. Ако има волја, ќе ги промениме работите во делот на владините односи со јавноста и насочиме во посакуваната насока. Доколку тоа не се случи, очигледно такви се барале.

Авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...