Транснационални листи и национални бункери во ЕУ

Во основа дебатата за транснационални листи се однесува на погледот врз натамошното продлабочување и проширување на ЕУ.

234

Во Македонија од обични граѓани ќе слушнете остри мислења и ставови, иако недоволно конкретни и мошне дифузни, дека ЕУ премногу се меша, диктира и врши неправеден притисок со цел да наметне влијание во спротивност со националните интереси на други земји. Притисоците од Брисел се доживуваат исклучиво како погрешно насочени и селективни. Едновремено мошне малку се присутни и јасни сфаќања, свесно размислување и разбирање за тоа што всушност претставува и како функционира ЕУ, кои се нејзините главни принципи, правила и вредности.

Но разбирањето на основните принципи на европската соработка не е на особено високо ниво дури и меѓу постарите членки на Унијата. Многумина сметаат дека ЕУ со својата детална регулатива премногу се меша во секојдневието на луѓето. Брисел како бирократски гигант треба да престане да се занимава со прашања што се однесуваат, на пример, на должината на јадиците, додатоците за вкус во бурмутот, изгледот на детските игралишта, или, пак, изгледот на избирачките ливчиња во земјите-членки. А токму прашањата поврзани со изборите за европратеници јасно зборуваат за континуитетот на слабото интересирање и за информираноста меѓу жителите на ЕУ.

Такви се состојбите и сега, една година пред одржувањето на наредните избори за Европскиот парламент, во мај 2019 година. Обично се вели дека бројката на избирачите кои излегуваат на гласање ја дава оценката колку е витална демократијата во една земја со слободни избори. Тука се присутни проблеми на ниво на ЕУ, а поради што и пред претходните европски избори во 2014 година се водеше дискусија во Европскиот парламент за тоа што би можело да се направи за ЕУ-изборите да станат поатрактивни за Европејците.

За разлика од излезноста на националните парламентарни избори која во повеќе западноевропски земји се искачува до 70-80 отсто, одзивот на изборите за Европскиот парламент, е во постојано опаѓање, од 62 проценти на првите директни избори во 1979 година, до околу 43 проценти на европските избори во 2009 и 2014 година. Одзивот во некои земји-членки е очајно низок – само 13 отсто во Словачка и околу 18 отсто во Чешка. Тоа, се разбира, не може никако поианку да се формулира освен како демократски проблем, посебно кога се има предвид фактот дека со новата Лисабонска спогодба Европскиот парламент доби значајно поголема моќ во однос на секојдневието на 500-те милиони жители на ЕУ.

Токму затоа во изминатиот период повторно се интензивираше дебатата дека политичките партии треба во поголема мера да дејствуваат прекугранично и да покажат поголем сенс за една појасна европска политика. Се предлагаше и реформа на изборниот систем во целата ЕУ, така што, меѓу другото, би се вовеле и ЕУ-изборна единица и листа, напоредно со гласовите што се даваат за кандидатите на националните листи.

Но идејата за воведување една транснационална листа, која би значела распределба на 27 мандати на наредните ЕУ-избори, пред извесно време повторно беше отфрлена од страна на Европскиот парламент. Работите едноставно полесно се контролираат од позиција на непопустливост во сопствениот национален бункер. Како што објаснува шведската социјалдемократска европратеничка Марита Улвског, не би било добро „да се компликува со воведување некаков нов вид кандидатски листи со непознати кандидати од земји за кои немаме доволно познавање, или немаме поширок увид во нивните гледишта и ставови“.

Спротивставувањето не доаѓа само од страна на Шведска. Против транснационалните листи гласаа и повеќе други земји-членки, како, на пример, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. Тоа е секако во спротивност со линијата на федералистите, чиј најистурен политички профил моментно во Европа е францускиот претседател Емануел Макрон, кој јасно стави до знаење дека има намера да продолжи да се бори за транснационални листи. Тие, според Макрон, ќе придонесат за јакнење на демократијата во Европа преку развивање на дебата за европските – а на се само за националните – предизвици во текот на кампањата за ЕУ-изборите. Во секој случај, Макрон ни најмалку нема да биде поштеден од критики од страна на оние што сметаат дека идејата за транснационални листи не е ниту европска ниту демократска, туку е пред сè елитистичка и централистичка.

Во основа дебатата за транснационални листи се однесува на погледот врз натамошното продлабочување и проширување на ЕУ. Без оглед на тоа што многумина од редовите на конзервативните ЕУ-критичари и од крајната левица се обидуваат да укажат дека всушност станува збор за илузија оти нештата стануваат повеќе европски само затоа што се прават на заедничко европско ниво.

Според некои мислења еден таков изборен систем, што би содржел и еден транснационален прекуграничен сегмент, би бил на штета на малите земји. Но веројатно е грешка да се тврди такво нешто, имајќи предвид дека добропознати политички ЕУ-профили, каков што е, на пример, Швеѓанецот Карл Билд, сигурно би можеле да привлечат избирачи и вон Шведска. Ако се заговара и посакува една ЕУ што ќе може во поголем обем да обликува заедничка европска политика, наспроти постојаните компромиси на триесетината земји-членки со различни ЕУ-визии, тогаш се неопходни и нови практични политички претпоставки за демократски разговор што нема да застане кај државните граници и кај ѕидовите на националниот бункер.

Што се однесува, пак, до балканските земји, меѓу кои еден дел сè уште се мачат со нецелосно меѓународно признавање, национално дефинирање и јакнење на внатрешната интеграција и стабилност, а за што сосема јасно зборува и начинот на кој се изразува меѓусебната нетрпеливост и непризнавање на статусот на учесничките на претстојниот ЕУ-самит за Западен Балкан во Софија, некакви транснационални листи веројатно не би можеле ни да се замислат како тема вредна за разговор.

Без оглед колку споро и тромаво земјите од Западен Балкан се движат кон членството во ЕУ, можноста во иднина некој македонски Албанец да гласа за кандидат на прекугранична листа од Косово или Албанија, или, на пример, Македонец да гласа за некој политичар од македонско потекло во Грција, ставен како таков на транснационална европска кандидатска листа, се чини дека не може да биде сфатена поинаку, освен како – утописка визија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...