Сигурен сум дека во еден момент во иднина, кинескиот претседател Си Џинпинг и јас, заедно со шефот на руската држава Владимир Путин, ќе почнеме со преговори за прекин на она што стана голема и неконтролирана трка во вооружување, порача американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.
Тој нагласи дека САД оваа година потрошиле 716 милијарди долари за војската.
– Лудост – оцени Трамп.
Тој истакна дека со Си има „многу силен и личен однос“.
– Тој и јас сме единствените две личности кои можат да донесат огромна и многу позитивна промена околу прашањето за трговија и многу други работи меѓу нашите две нации. Решението за Северна Кореја е добро и за Кина и за сите други – порача Трамп на Твитер.
Според него, во американско-кинеските односи изминатиот викенд е направен голем исчекор, бидејќи со кинескиот лидер во Буенос Аирес се договорил за одложување на воведувањето нови царини и побарал од Пекинг да го финализира трговскиот договор со Вашингтон.
Претходно, Трамп изјави дека Пекинг се согласил да ги „намали и укине“ сегашните царини од 40 отсто за автомобилите кои се увезуваат во Кина од САД.
Двајцата лидери се договориле дека ќе ја прекинат трговската војна во следните 90 дена, што ќе овозможи намалување на повеќемесечните тензии во односите меѓу двете земји.
ФОТО: EPA / SHAWN THEW