Трамп: Прекинете го бомбардирањето и убивањето во Идлиб

187
Photo: EPA / JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Сирија и нејзиниот сојузник Русија да го прекинат „пеколното бомбардирање“ на Идлиб, покраина во северозападна Сирија, откако Кремљ во петокот објави дека Москва ќе продолжи да ја поддржува офанзивата која сириските власти ја почнаа пред еден месец.

– Слушам дека Русија, Сирија и, во помала мера, Иран учествуваат во пеколното бомбардирање во покраината Идлиб, во Сирија, и оти убиваат голем број невини цивили.  Светот го гледа тој масакр. Која е целта, што ќе постигнете? Престанете! – напиша Трамп на Твитер пред да замине во државна посета на Велика Британија.

Овие коментари доаѓаат откако сириските невладини организации во петокот ја осудија „пасивноста на меѓународната заедница за ескалацијата на сирискиот режим и неговиот руски сојузник во покраината Идлиб“, што го предизвика, како што оценуваат, „најголемиот“ бегалски бран од почетокот на војната.

На прес-конференцијата во Истанбул, претставниците на невладините организации предупредија дека хуманитарната ситуација во провинцијата секој ден е се полоша, велејќи дека во бомбардирањето загинале десетици цивили, а повеќе од 200.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови откако кон крајот на април почнале воздушните напади врз Идлиб.

Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР) во петокот објави дека речиси 950 лица, воглавно борци и околу една третина цивили, загинале во последните месеци во борбите во Идлиб и околината.

Во војната во Сирија, која почна во 2011 година, досега загинале повеќе од  370 илјади луѓе.

Photo: EPA / JIM LO SCALZO

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...