Белата куќа објави видео од претседателот Доналд Трамп на кое ја објаснува неочекуваната одлука да ги повлече американските војници од Сирија.
– Победивме против „Исламска држава“. Време е нашите војници да се вратат дома – истакна Трамп.
Официјални американски претставници вчера соопштија дека Трамп ќе ги повлече од Сирија сите две илјади американски војници. Според локалните медиуми, тоа предизвикало лутина и огорченост кај републиканските пратеници.
Според некои извори, шефовите на Министерството за одбрана и воени команданти до последен момент се обидувале да го одвратат претседателот да ја донесе одлуката. Изненадувачкото објавување победа над ИД е во спротивност со проценките на неговите експерти за ситуацијата во Сирија.
Во своето обраќање Трамп подвлекува колку е тешко да пишуваш писма и да им се обраќаш на блиските на оние кои загинале во борби.
– Сега сите тие се враќаат, веднаш се враќаат – изјави тој.
Висок владин претставник изјави дека одлуката за повлекување на американските трупи е заснована на верувањето на Трамп дека американските војници во Сирија немаат друга задача освен да се борат против „Исламска држава“, која сега држи околу еден процент од територијата со која владеше кога беше најсилна.
ФОТО: EPA / JUAN IGNACIO RONCORONI