Абу Бакр ал-Багдади е мртов, објави Доналд Трамп откако американската војска ноќеска спроведе операција во северозападна Сирија.
– Резултатите од тестовите се јасни и недвосмислени: тоа беше тој. Багдади умрел плачејќи и врескајќи откако влегол во тунел без излез. Тој активирал самоубиствен прслук, убивајќи и три свои деца – изјави Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа.
Лидерот на Исламска држава важеше за најбаран човек на светот и САД го уценија на 25 милиони долари.
Тој истакна дека изминатата ноќ САД донеле „правда за најголемиот терористички лидер во светот“.
Американскиот претседател оцени дека под негово водство, САД го „уништиле калифатот на ал Багдади“ 100 отсто. Тој ги опиша Ал Багдади и неговите приврзаници како губитници.
Тие немаа претстава во што се впуштаат – во одредени случаи беа уплашени како кутриња, а во други беа тврдокорни убијци – опишувајќи го лидерот на ИД како „болен и расипан човек“, кого, „сега го нема“.
– Тој беше „злобен и насилен и умре на злобен и насилен начин…Умре како куче. Умре како кукавица. Светот сега е многу побезбедно место. Бог да ја благослови Америка, рече американскиот претседател.
Трамп им се заблагодари на Русија, Турција, Сирија и Ирак и сириските Курди за „одредена поддршка што можеле да ја дадат“. Исто така се заблагодари на „големите експерти за разузнавање“ и на вооружените сили. Тој појасни дека САД го следеле Ал Багдади неколку седмици. Трамп рече дека било опасно да се лета над нечија друга територија, но имале соработка со други држави.
– Летавме многу, многу ниско и многу брзо – објасни Трамп.
Тој рече дека САД неколку седмици го следеле и оти бил еден од приоритетите. – Имавме информации каде оди, но тој постојано ги менуваше плановите. Видовме дека е таму, знаевме за тој објект и знаевме за тунелите. Повеќето тунели се слепи, еден не е и тој го покривме. Се спуштивме со осум хеликоптери. Не сакавме да одиме на главниот влез, бидејќи беше замка, истакна Трамп.
– Дојде до крајот на тунелот, нашите кучиња до таму го доведоа. Ги поведе и своите три деца во смрт. Плачеше до крај. Го активираше елекот со експлозив и телото му е осакатено, а по експлозијата, врз него се урна тунелот.
Американскиот претседател посочи дека во операцијата се убиени и две жени кои постојано го следеле Ал Багдади, а 11 деца биле претходно извлечени и згрижени.
– Русија не третираше одлично … Ирак беше одличен. Навистина имавме голема соработка – вели тој.
Трамп рече дека Турција знаела дека САД „влегуваат“.
Потенцирајќи дека приврзаниците на Ал Багдади треба да знаат дека тој е мртов и оти умрел како кукавица, Трамп дополни дека во операцијата се убиени голем дел од тимот на терористичкиот водач, но дека точниот број треба да се утврди во следните денови. Исто така, тој појасни дека иако се соочиле со „жесток оган“, нема жртви на американска страна, освен што е повредено едно куче, кое е вратено во САД.
Тој ја долови и синоќешната атмосфера во Белата куќа, појаснувајќи дека со неговиот тим во 5 часот изутрина ја следеле во живо акцијата.
ФОТО: EPA/ IAN LANGSDON / POOL