Трамп за средбата со Ким: Не ќе беше добро да потпишеме што и да било

158
ФОТО: EPA / RITCHIE B. TONGO

Американскиот претседател Доналд Трамп коментирајќи го непотпишувањето на најавениот договор за денуклеаризација со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата во Ханој, денеска изјави дека некогаш едноставно треба да се повлечеш од преговори.

– Некогаш едноставно треба да се повлечеш и ова беше еден таков случај – изјави Трамп на заедничката прес-конференција со Ким по завршувањето на нивниот дводневен самит, кој траеше покусо од предвиденото.

Трамп нагласи дека неговите односи со Ким се многу добри, но дека „решиле да не направат ништо“.

Според него, договорот „бил подготвен за потпишување, но дека не бил соодветен“.

– Не ќе беше добро да потпишеме што и да било. Ние едноставно се повлековме. Го поминав целиот ден со Ким Џонг-ун – додаде Трамп.

Тој нагласи дека Ким изразил подготвеност Северна Кореја да се откаже од некои од нејзините нуклеарни посторјки, но дека тоа не биле оние што ги барале САД.

Претходно, ДПА јави дека Трамп и Ким денеска во Ханој не го потпишаа најавениот договор за денуклеаризациоја.

Белата куќа соопшти дека Трамп и Ким имале „многу добри и конструктивни средби“, но оти „засега не е постигнат договор“.

– Двајцата лидери разговараа за различни начин за постигнување на денуклеаризацијата и за економски поддржани концепти. Нивните тимови со нетрпение чекаат да се сретнат во иднина – се нагласува во соопштението на Белата куќа.

Дипломатски извори најавува дека САД и Севрна Кореја се договориле за најмалку три точки од заедничкиот документ што требаше да го потпишат Трамп и Ким на крајот на нивната средба во Ханој.

Истите извори тврдеа дека во документот, кој требаше да биде наречен Ханојска декларација, ќе беше нагласена денуклеаризацијата, ќе беа наведени следни чекори на двете страни за нејзино постигнување и поставени задачи и прашања што ќе се разгледуваат подоцна.

Оптимизмот за можно потпишување на договорот го поттикна самиот Ким, кој по разговорите во четири очи со Трамп, што траеја повеќе од половина час, изјави дека не би дошол на оваа средба, доколку не сака да го исполни ветувањето за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров дадено на нивниот прв самит во Сингапур минатата година.

– Ако не сакав, сега немаше да сум тука – изјави Ким одговарајќи на прашање на американски новинар „дали сака денуклеаризација“.

Трамп, од своја страна, нагласи дека отворањето на американско дипломатско претставнишптво во Северна Кореја е „добра идеја“, додека Ким додаде дека би „поздравил таков чекор“.

Ким беше запрашан и дали лидерите зборувале за човековите права, но Трамп одговори место него дека зборувавле за се.

Самитот заврши со разоовори на делегациите на двете земји во проширен состав, што се одржаа по тет-а-тет средбата Трамп-Ким. Од американска страна на разговорите учествуваа и државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон.

ФОТО: EPA / RITCHIE B. TONGO

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...