Министерството за правда на САД ќе утврдува дали постојат политички мотиви за истрага за руско мешање во изборите
Вашингтон, 21 мај 2018 (МИА) – Американското Министерство за правда му довери на својот главен инспектор да провери дали имало неправилности или политички мотиви во начинот на кој ФБИ ја водел контраразузнавачката истрага на луѓе осомничени за дослух со руски агенти, а заради интервенција во претседателските избори во 2016 година.
Министерството го најави ова откако вчера претседателот Доналд Трамп напиша на Твитер дека ќе побара Министерството да испита дали ФБИ инфилтрирало свои луѓе во предизборната кампања со политички цели. Претседателот, исто така, сака да испита дали таквите дејства биле побарани од владата на Барак Обама.
Според весникот „Њујорк тајмс” ФБИ му наложил на информатор да се сретне со две лица од кампањата на Трамп – Картер Пејџ и Џорџ Пападопулос, во рамки на истрагата за можните врски на овие луѓе со Русија.
Пратениците од Демократската партија ја обвинуваат Белата куќа и републиканците дека всушност се обидуваат да го дестабилизираат специјалниот обвинител Роберт Малер, кој речиси една година истражува евентуален договор помеѓу Москва и предизборниот тим на Трамп.
Конгресменот демократ Адам Шиф, член на комисијата за разузнавање при Претставничкиот дом, вчера изјави дека тврдењата на претседателот за некаков „шпион” во неговата кампања се апсурдни.