Трамп барал Зеленски јавно да соопшти три збора: истраги, Бајден, Клинтон

275
ФОТО: EPA / UKRAINE PRESIDENTIAL PRESS SERVI

Претседателот на САД, Доналд Трамп, побарал од неговиот украински колега да застане пред микрофон и да каже три збора: истраги, Бајден и Клинтон, според транскрипт од изјава на висок официјален претставник на Стајт департментот, кој неодамна беше на распит во Конгресот.

Транскриптот е од сведочењето на Џорџ Кент, заменик помошник државен секретар, а го објавија демократите, кои бараат Трамп да биде отповикан.

Според Кент, зборовите што претседателот барал Зеленски да ги изговори му биле пренесени од лица во администрацијата, кои биле во директен контакт со Трамп.

– Тоа беше пораката, Зеленски требаше да застане пред микрофон и во основа да ги каже тие зборови во пораката, и тоа беше стенограмот – изјавил Кент.

Истрагата за демократите се фокусира на тоа да се докаже дека Трамп условил 400 милиони долари воена помоша за Украина со барање Зеленски да искаже јавни заложби дека истражува коруптивни бизнис активности на неговиот политички опонент Џо Бајден.

Трамп, исто така, барал информации од Киев за досега недокажани теории на заговор дека Украина се вмешала во претседателските избори во 2016 година.

Кент сведочеше и дека личниот адвокат на претседател, Руди Џулијани, водел „кампања на лаги“, против американската амбасадорка во Украина, Мари Јовановиќ, пред таа да добие отказ од Трамп.

Кент, Јовановиќ и сегашниот амбасадор на САД во Украина, Вилијам Тејлор, идната недела треба да се појават на јавни распити во Конгресот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...