Траен надоместок за невработен родител на дете со попреченост

297

Се воведува траен надоместок за невработен родител кој се грижел за дете со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, информираат од Министерството за труд и социјална политика. Право на овој надоместок ќе имаат родителите кои се невработени и не користат право на пензија. Надоместокот ќе може да го користат, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж.

– Со социјалната реформа се унапредуваат правата на лицата со попречености, но и на семејствата коишто се грижат за нив. За разлика од досегашната пракса, со која само се трансферираа финансиски средства до крајните корисници без притоа да добијат соодветна услуга, сега се става акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата , но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попрченост и нивната вклученост во општеството – соопштуваат од Министерството.

Биолошките семејства кои имаат деца со попреченост, нагласуваат оттаму, како поддршка веќе имаат зголемен износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15 проценти.

– Со новиот закон ја развиваме и услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив – информираат од Министерството.

Користењето на правото за попреченост, со новиот закон се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето плата. Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега.

Активно продолжува да тече и процесот на деинституционализација. Владата лани ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита.

– Ова е доказ дека оваа Влада работи на унапредување на правта на лицата со попреченост и во целост ги има во предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги што во минатото не постоеле – соопштуваат од Министерството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...