Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судското рочиште за предметот на СЈО „Траекторија“ со изведување докази, меѓу кои дописи, меморандуми, понуди… во врска со постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова презентираше дописи меѓу Амбасадата на НР Кина и Министерството за транспорт и врски во врска со препорака за кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатот Миладиновци – Штип, како и потпишани меморандуми за разбирање меѓу Министерството за транспорт и врски и компанијата „Синохидро“.
На обвинетите на рочиштето им беше дозволено користење на лап-топ за полесно да го следат изведувањето на доказите.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, бидејќи е во бегство, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
Со тоа, според СЈО му нанеле штета на државниот Буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата-иведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.