Читам и се смеам. Онака кисело. По малку и злобно дури. Како што му личи и приличи на еден суетен новинар.
Колку многу луѓе во медиумите и на социјалните мрежи сега се „скандализираат“ од поведението на некогашните специјални јавни обвинителки Катица Јанева и Лиле Стефанова, но и од најновите искази на обвинетиот Бојан Јовановски, накусо од сето она што излегува на површината на случајот „Рекет“? Како да не сум ви кажал безброј пати дека сето она што до сега е кажано и напишано за оваа афера е само врвот на ледениот брег…
Најголемите вљубеници во нашите „специјалки“, тие што некогаш ги славеа со панигерици незапамтени во поновата историја на македонскиот журнализам, тие што воодушевено ја анализираа нивната фолкерска појавност и нивниот „совршен“ лајфстајл (хахаха!), сега плукаат по нив, бараат веднаш да бидат уапсени, осудени и веројатно и обесени (ова последново не е кажано и напишано, барем не засега, ама претпоставувам дека се подразбира).
Каков лупинг е тоа, каков пораз на обидот на една медиумска булумента да изгради совршена слика од нешто што на самиот почеток беше само бедна и сомнителна скица на пропаста на сонот за правда и мир!
Кој од нас да е на местото на Катица и на Боки не би пцуел и не би се заканувал?
Јас, инаку, имам целосно разбирање за сите оние изливи на емоции и за сите оние вулгарности и глупости што ги слушнавме и што допрва ќе ги слушаме во судската мелодрама „Рекет“. Катица Јанева изгледа конечно сфатила дека ја спремаат за „колење“ со француска обработка, а сведочењето на нејзината другарка Лиле Стефанова е само потврда на тие сомневања. Кој и од нас да е во нејзината сè потесна кожа (мислам на Катица), кој од нас Лилето јавно да ја фалел со незаслужени комплименти и да го возел нејзиното маче, кој од нас да бил во ситуација да го слуша она предавничко цинкарење и мјаукање од својата штитеничка, кој не би ги исплукал како балгами оние вулгарности што ги слушнавме од Јанева?!
Од друга страна, ја разбирам и кутрата Лиле Стефанова. Ја разбирам, зашто никој веќе не верува во нејзината невиност, чесност и професионалност. И зашто не е исклучено наскоро и самата да се најде на обвинителна клупа. И зашто ако сака да се спаси, мора да ја одигра својата ролја во оваа драмолетка, мора жестоко да ја оцрни Катица, мора да се додвори на новите заштитници и да си ја спасува кожата. И во тоа име, мора да откаже секаква, па и од елементарна човечка лојалност кон својата доскорешна шефица. Да, може човек да постапи поинаку, ама за тоа треба да се има карактер.
Да бидам искрен, наоѓам разбирање и за поведението на обвинетиот Бојан Јовановски. Полека но сигурно, човекот се претвора во централна и политичка жртва на процесот „Рекет“. И јас веќе не сфаќам зошто го држат зад решетки. Не сфаќам зошто го чуваат во услови во кои не може да добие солидна медицинска нега, што очигледно му е неопходна. Јовановски со право се жали дека некој наумил да му го земе здравјето во нашите казамати. И секако, да потсетам на она што го напишав повеќе пати – никој не треба да има дилеми дека кога Боки ќе сфати дека во судската трагикомедија „Рекет“ му е доделена ролјата на магаре што треба да го понесе најголемиот товар на вината за аферата во која се вмешани и многу други моќници, плус да изгледа глупаво, нели, тој ќе одлучи да отвори уста и да проговори. Мора, нема друг избор. А веројатно има да каже многу нешта за аферата, нешта кои можеби никој од нас сè уште не ги слушнал.
Вниманието да го насочиме кон судницата
Развојот на настаните во судницата и околу неа, драги мои, во моментов мене ме ослободува од инаку непријатната обврска да ви ги раскажувам детаљите за оваа афера, да ги кодирам имињата на актерите, да ризикувам да бидам тужен и секојдневно напаѓан и бербатен од (не)луѓе кои биле на платните списоци на моќни некадарници и кои сега мора да си го одработат своето. Не, нема да ја отфрлам обврската што самиот ја презедов, водејќи се од темелниот принцип на либералниот журнализам – јавноста има право да знае. Сепак, околностите се такви што подиумот во овој момент морам да им го препуштам на другите.
Има три добри причини за тоа.
Прво, не сакам да го дефокусирам вниманието на јавноста од исказите на обвинетите и на сведоците во процесот „Рекет“. Еднаш веќе навестив дека тие имаат да кажат многу интересни и важни работи и еве, како што гледате и самите, тоа веќе се случува. Добро, ќе се изнаслушаме и баналности, како објаснувањето за неплатената гарнитурата од 5.000 евра, но веројатно и обвинувања за нови крупни криминални и корупциски скандали. Како и да е, обвинителите имаат право да обвинуваат, обвинетите имаат право да се бранат, а и едните и другите имаат право да се дискредитираат меѓусебно, согласно со законски пропишаните правила на игра.
Второ, забележувам дека е најавена засилена медиумска офанзива за откривање нови наводни криминали на тимот на Зоран Заев, со помош на материјали кои веројатно произлегуваат од истите извори од кои произлезе и онаа снимка на „Ла Верита“ минатото лето. Некое време луѓето од пропагандата на СДСМ ќе го лажат оној дел од јавноста што им верува, со теории на заговори и со приказни како некој од Скопје ги купувал тие материјали во Солун, па преку Будимпешта тие стасувале во „Ла Верита“, секако со неизбежната препорака од нашиот азилант Груевски. Трла баба лан… Но, после некое време, токму како што беше и минатото лето, ќе се сфати каде е изворот на овие материјали и како врви каналот за „дисеминација“. Јас веќе немам потреба тоа да го објаснувам. Ниту темелно да ги анализирам написите на „Ла Верита“. Не, доволно е да ги пренесуваме, како што тоа го прават сите други медиуми, но сепак заедно со реакциите на сите засегнати. Оној другиот дел од јавноста, кој не наседнува на пропагандата на СДСМ, како што се сомнева и во манипулациите на другите пропагандни центри, значи луѓето кои умеат да читаат и да мислат со сопствената глава, се концентрираат на содржината, на важното, а не на спиновите. Пријатно сум изненаден од сознанието колку многу луѓе се способни на нештата да гледаат од вистинскиот агол.
И трето, како што наближуваат изборите, јас очекувам политичките партии од опозицијата, но и од власта, малку посериозно да се занимаваат не толку со пикантериите од аферата „Рекет“, колку со последиците на она што се случува сега. Судскиот процес не смее да заврши со жртви, туку со правосилно осудени виновници (или со ослободени обвинети), врз неселективна основа, во фер судска постапка, со почитување на сите процесни правила и посебно со почитување на правото на одбрана. Ако има осудителни пресуди, казните треба да бидат внимателно одмерени, а во моето разбирање на казнената политика во едно цивилизирано и пермисивно општество, тоа значи дека казните треба да бидат што поблаги, во еден дел по можност и алтернативни, со цел да ја постигнат својата основна цел – не одмазда, туку рехабилитација на осудениците. За жал, во овој момент, изгледа дека работите се тераат во спротивната насока.
Апсолутната компромитација на СЈО значи компромитација на сите предмети – чаре?
Конечно, сево ова што се случува во врска со аферата и процесот „Рекет“ отвора и едно важно системско прашање, кое мора да се реши со преговорите за новиот закон за Јавното обвинителство. Имено, мора да се тргне од фактот дека сите правосудни, но и политички инстанци, кои ги покренаа и ги менаџираа предметите на некогашното СЈО (некои од тие предмети завршија со правосилни пресуди), се искомромитирани. „Специјалките“ и нивните тимови се заглавени во обвиненија за криминал и во сомневања за висока корупција. Никој од политичарите што ги менаџираа овие процеси од позиција на извршна власт, но можеби и од позиција на незаконско влијание врз судската власт, до овој момент не презеде политичка одговорност за ништо. Тоа е скандалозно само по себе. Со мали исклучоци, медиумите и јавноста се поделија меѓу обидот на едни на осомничените и на обвинетите да им пресудат без судење и напорите на други истите луѓе да ги прогласат за невини и набрзина да им обезбедат политичка поддршка од дома, но и од странскиот фактор.
Ќе бидам јасен и прецизен: апсолутната компромитација на СЈО, на луѓето кои земале високи плати и огромни и веројатно незаконски бонуси, за да ја спроведуваат својата рекетарска „правда“, неизбежно значи и апсолутна компромитација на сите процеси што ги покрена оваа институција. На сите до еден! Освен тоа, по не знам кој пат ќе потсетам дека постои крупна процесна пречка (членот 12 став 2 од Законот за кривична постапка) овие процеси да се водат така како што беа водени, а некои од нив и да завршат така како што завршија. Со сила, со притисоци или со непринципиелно пазарење, можно е да се случи опозицијата да се натера во новиот закон за Јавното обвинителство да се прифати тезата дека предметите на СЈО треба да си продолжат таму каде што запреле, како ништо да не се случило. Но, јас уште сега ви кажувам дека во таков случај, сите предмети, ама баш до последниот, ќе мора да паднат во Европскиот суд за човекови права.
Можам да разберам министерката за правда Рената Десковска да заборавила на ветувањето на нејзиниот партиски шеф Зоран Заев, дека кога СДСМ ќе ја преземе власта новиот јавен обвинител ќе го предлага опозицијата (па сега таа ни објаснува дека тоа не било добро решение). Во СДСМ одамна зборот не е збор. Но, паметно решение за проблемот со предметите на СЈО мора да се бара и да се најде. Ако, како што прочитав, за решение се смета тезата дека предметите ќе продолжат според ЗКП, како и сите други судско-обвинителски предмети, тогаш тоа значи многу работи што не се кажуваат или не се разбираат: на пример, дефинитивно отфрлање на нелегално снимените материјали и забрана за нивно користење во постапките, обнова на истрагите итн. Не знам, не сум експерт за кривично право и за кривична постапка, но знам дека решението треба да дојде од страна на експертите. Од оние вистинските, независните, не тие партиски афилираните и поткупените.
Мелодрамата се насети со чипката и со герданот…
Веројатно ќе биде потребна малку поголема инвентивност и креација од онаа која нашата политичка и експертска јавност ја демонстрираа смислувајќи една непотребна институција, каква што беше СЈО, за која малкумина од нас уште од почетокот чувствуваа дека ќе заврши вака како што заврши. Бедно и скандалозно. Е сега, нека ми биде простено, но ќе потсетам дека јас ја насетив мелодрамата уште тогаш кога се расправавме за неприкладната црна чипка и за глупавиот гердан на Катица Јанева, за естетиката и за поведението на Фатиме Фетаи и на целата таа нездрава естрадна групировка, на која духовен гуру ѝ беше Аца Лукас. Ама тогаш многу луѓе беа „скандализирани“ од моите написи. Па сега истите луѓе се чудат и се „скандализираат“ кога Катица вреска таму за некоја „гомнарка“ и „ороспија“…
Тоа е така зашто повеќето луѓе се површни. И лесно поводливи. И неискрени. Некои се потплатени. Други се преплатени. Има и такви што се глупираат од љубов или од омраза, а најчесто од пизма или од предизборна депресија. А јас, драги мои, јас сум си истиот. Добро, малку сум оштетен од сите овие џавкања и удари под појасот, ама ништо страшно, се оправа тоа. Две-три крукчиња со ратракот, малку скијање и човек е како нов. И да, како што вели еден мој бивш пријател, можеби малку му се чинам „паднат“ (можеби не само нему), ама и таков „паднат“, јас ги читам и ги гледам недоветниве и се забавувам како да сум на врвот на Водно, а тие долу лутаат ко гуски во скопската магла. И се смеам. Малку злобно, веќе признав. Мислам дека имам право и на тоа. Си заслужив и јас малку да си ја погладам суетата.
И ај сега нека лаат тие што имаат задача и норма што мора да ја исполнат. Ајмо џукци, ајмо цурице, ајмо дечаци, за ова вечерва ви следува и ноќна напојница!