Најмалку 13 лица загинаа денеска, а шестмина се повредени при принудно слетување на патнички авион на руската компанија „Аерофлот“, кој се запалил на московскиот аеродром Шереметјево, објавија руските медиуми.
– Според најновите информации 13 лица загинаа, а шестмина се повредени. Еден број од патниците се водат како исчезнати – истакна неименуван извор.
Во авионот Сухој Суперџет-100, произведен минатата година, се наоѓале 73 патници и шест членови на екипажот. Компанијата „Аерофлот“ потврдила дека моторите на авионот на летот СУ1492 од Москва до Мурмански се запалиле при принудното слетување на московскиот аеродром.
– Авионот се врати на аеродромот од технички причини. Огнот е изгаснат. Медицинска помош им е укажана на сите што било потребно – се наведува во соопштението.
Веднаш е формирана комисија за истрага на причините за авионската несреќа. Можно е пожарот на го предизвикал гром, кој удрил во моторот на авионот.
Радарот за следење летови Флајтрадар 24 покажал дека авионот направил два круга околу Москва и слетал по 45 минути.
Медиумите наведуваат дека задниот дел на авионот целосно изгорел, а спасувачките екипи се обидуваат да пронајдат преживеани.