Трагедии

Несреќите предизвикуваат засилено лачење на хормоните на вербалната и ментална хистерија, а хистеријата предизвикува зависност од несреќите.

1826

Павловиот рефлекс на нацијата функционира на звукот на трагедијата, сеедно дали е трагедијата стварна или е лажна и сеедно дали е составена од убиства, платформи, договори или докторати.

Несреќите предизвикуваат засилено лачење на хормоните на вербалната и ментална хистерија, а хистеријата предизвикува зависност од несреќите. Манифестациите на рефлексот содржат стравови, загрижености, очајувања, депресии, психози, но во општиот каузалитет се содржат и се емитираат и потсвесни бранови на особен вид патогено задоволство, се разбира, не од самата несреќа, туку во тоа што таа му овозможува на еден морално и правно и културно, тотално раскурцан ентитет, со сите негови индивидуалитети, да се пројави на јавната сцена со својата обожавана лажна морална легитимација, како со вистински домумент. И почнува лаежот, ист како на глутницата кучиња на плоштадот Македонија, кога некој со мопед или на велосипед, ќе им го прекине пријатното дружење со странските туристи.

Несреќата е тоа движење за луѓето-кучиња. Нивната коска. Овие што бараат амнестија за еден крвав напад во кој за влакно беа избегнати повеќе смртни епилози, бараат најстрого да се казнат убијците на Саздовски. Јас барам да се казнат уште денеска, но оваа непоимлива и морбидна самоисклучивост во ставовите на некои актери ја наведувам за да ја илуструрам тезата и за да кажам дека никој нема право да ги ретчи солзите на родителите и на блиските на момчето, со патетики и театралности, со грандиозни глупости во кои, всушност, се раѓаат ваквите драми.

Откако со својата бескрајна грижа, уште еднаш ќе го убијат убиеното момче, ќе се истргнат под дебелите тремови на модерните кафиќи и во своите кабинети и ќе чекаат нова трагедија: некој уште еднаш ќе ги продаде националните интереси, ќе потпише некаква платформа, кај и да е ќе се случи некое ново убиство, по можност возбудливо од меѓунационален аспект, и така натаму…

Само во правото е лекот на сите наши болки!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...