Александар Јаневски Тошта обвинет во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села излегува од притвор од затворот во Шуто Оризари. Од притвор во Шутка тој ќе замине дома во куќен притвор.
„Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 достави предлог за замена на мерката притвор со поблага мерка куќен притвор за обвинетиот А.Ј.-Т. Надлежниот обвинител по вторпат пред судот укажува дека со оглед на здравствената состојба кај обвинетиот и поодминатата фаза на постапката и со поблага мерка ќе се постигнат целите и нема да се загрози понатамошниот тек на постапката по однос на овој обвинет. Ваков став надлежниот јавен обвинител изрази и пред еден месец, во мислењето упатено до надлежниот суд по поднесено барање од страна на одбраната на обвинетиот“, соопштија од Јавното обвинителство.
Тошта е еден од деветмината обвинети за обидот за убиство на Зијадин Села при упадот во Собранието на 27 април лани. На последното судско рочиште во средата, обвинителството го повлече обвинението против Сашо Сенков, а за двајца други – Цео Ѓорѓиевски и Стојан Павлески направи преквалификација од обид за убиство во насилство за кои по барање на обвинителот, судот одлучи да излезат од куќен односно затворски притвор и им одреди мерки на претпазливост (одземање на пасоши и забрана за напуштање на Македонија).
За обвинетиот Тошта немаше ниту повлекување на обвинението ниту преквалификација на делото, па тој бурно реагираше.
– Зошто да ми се суди за убиство? Кој тоа од горе се јави на телефон? Зошто ми се суди, затоа што сум еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ? Подобро оставете кесичка тука во судница- рече Тошта.
Судијката му рече дека го предупредува на секое рочиште да не го нарушува редот во судницата и дека повеќе нема да го предупредува туку ќе го отстрани од судницата.
Во еден момент, Тошта стана и веднаш падна на подот. Неговата ќерка извикадека тој е срцев болесник.
Во судница интервенираше и Итната медицинска помош со чие возило тој веднаш беше пренесен во болница. Во Клиничкиот центар лекарите му правеа реанимација, а по стабилизирање на состојбата тој беше вратен во затворската ќелија.