Известувачот за нацрт законот за ратификација на Протоколот за членство во НАТО, пратеникот од СИРИЗА, Никос Тоскас, во неговиот говор, исто како и вчера за време на состанокот на Комисијата, ги повика пратениците да гласаат позитивно, јави дописничката на МИА од Атина.
– Ги повикувам сите колеги, реално да размислат за вистинските опасности за земјата, за рамнотежите во регионот, да го прифатат овој закон кој ги имплементира нашите национални интереси, што ја надградува и стабилизира улогата на нашата земја во поширокиот регион на Балканот и во Источниот Медитеран – рече Тоскас.
Тој објасни дека треба да се затворат фронтовите на Балканот, „треба во секој случај да се избегне „балканизација“ на Балканот и влијанието на Анкара и на други“.
– Мораме да ги затвориме нашите разликите на Балканот и да се справиме со главната закана за нашиот суверенитет што е од исток – истакна пратеникот од СИРИЗА и поранешен министер за цивилна заштита.
Никос Тоскас ги повика пратениците да размислат што би значело доколку соседната земја не стане членка на НАТО, како можни последици спомена дестабилизација на регионот, поле за решавање на разликите меѓу големите сили, земја поделена меѓу можна Голема Албанија и Голема Бугарија, работи кои како што рече, не се во интерес на Грција.