Топлотниот бран нѐ заплиснува, како да не колабирате на плус 40 степени Целзиусови?

Високите температури што се најавуваат од денеска доведуваат до презагревање на човековиот организам и до дехидратација, но и до можно оштетување на одредени органи. Од топлото време може да се јави сончаница, бидејќи имаме пад на крвниот притисок, на топло се шират крвните садови, па одредени органи се снабдуваат со помалку крв и може да дојде до колапс и разни колапсни состојби - предупредува д-р Весна Неделковска

585

Почнува топлотниот бран, утре и в среда максималните температури насекаде ќе бидат над 30, а на повеќе места и ќе надминат 35 степени Целзиусови и ќе се искачат до 40, предупредија од УХМР. Од Министерството за здравство само што прогласија дека целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза.

Еве што советуваат лекарите од скопската Служба за итна медицинска помош, чиј број „194“ е еден од најчесто повикуваните и за време на летните горештини. Токму кога им се јавивме, докторката Весна Неделковска, шеф на смена, ставаше инјекција „урбазон“ на скопјанец којшто го каснала оса, па и тој поитал во Брза помош, исплашен од можна бурна алергиска реакција од убодот.

Опасност од брза дехидратација  

За и ние да не станеме итни случаи, таа потсетува кој е најмногу на удар на топлотниот бран и како што полесно да ги пребродиме најавените 40 степени (во сенка).

– Хронично болните од кардиоваскуларни заболувања, како и од  цереброваскуларни (лица со мозочни удари и други) и сите останати кои имаат хронични заболувања, се во најголем ризик од топлотниот бран. Исто така, на удар на топлото време се особено лицата во поодмината возраст, но и бебињата и децата, бидејќи тие многу брзо може да дехидрираат – вели д-р Неделковска.

Таа нагласува дека нема можност, на некој начин да го подготвиме организмот за овие високи температури и советува да ги следиме упатствата од лекарите.

– Да избегнуваме излегување надвор од 10 до 17 часот, кога е најтопло, оној што нема итна потреба, да седи дома. Ова особено важи за бремените жени и за постарите од 60 години. За време додека траат овие високи температури од над 35 степени, важно е и да се почитува препораката да не се работи на сонце, што се однесува на градежни и други работници кои работат на отворено.

Што кога температурите се повисоки од вообичаените на човечкото тело

Д-р Неделковска објаснува што прави топлината на организмот, кога температурите ќе достигнат над 36 степени, што е температура повисока од онаа вообичаената на човечкото тело.

– Високите температури што се најавуваат од денеска доведуваат до презагревање на човековиот организам и до дехидратација, но и до можно оштетување на одредени органи. Од топлото време може да се јави сончаница, бидејќи имаме пад на крвниот притисок, на топло се шират крвните садови, па одредени органи се снабдуваат со помалку крв и може да дојде до колапс и разни колапсни состојби. Поради зголеменото потење доаѓа до дехидратација на клетките, како и на целиот организам, а напоменувам дека постарите лица и децата многу брзо дехидрираат, што е опасна состојба која брзо треба да се надмине – предупредува д-р Неделковска.

Таа советува:

– Затоа е важно редовно да пиеме вода на вакви горештини, но не и сокови, зашто тие го креваат шеќерот во крвта, туку најдобро е да се пие обична вода или лимонада без шеќер.

Во врска со тоа за колку време некој може да колабира ако се наоѓа надвор и е изложен на сонцето, особено ако е жеден и гладен, од Брза помош велат:

– Зависи од секој организам, нема универзална „формула“ за тоа за колку време некој може да се најде во состојба на колапс. Треба да му дозволиме на организмот да се прилагоди, затоа е многу важно однадвор, од многу топло време, нагло да не излегуваме или влегуваме во студена, климатизирана просторија и обратно, како и задолжително да носиме шишенце со вода – додава д-р Неделковска.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...