Топла зима

Градските власти ги поддржуваат сите иницијативи, меѓу кои и оваа на Бетер Бансајд да се отворат улиците и премините и пешачките зони и сè што е можно да го „вентилира“ овој дел од градот.

762

Убавото и сончево време, невообичаено за овој период од годината, измами на улиците и во блиските паркови бројни лондончанки, лондончани и лондончанчиња. Полни беа и блиските (а и подалечните) излетнички места. Температурите од над 20 степени во февруари се рекордни, откога се бележат, констатираа дежурните синоптичари и локалните метеоролози, па почнаа со типични воодушевувања. Се расоблекоа луѓето, куси ракави, куси панталони, куси здолништа (добро, овие последните секогаш ги има, ама сега ги имаше масовно). Мислиш, лето е. Градините расцветани, оти тука толку треба, два дена сонце и се расцветува сè што може да расцвета. Споредбите беа – потопло е во Барнет од Барселона, посончево е во Пекам од Париз, порасоблечени се во Волтомстоу од Вулагонг и порасположени се во Илинг од Ибица…

Ги замислувам оние во Ибица, како седат со сангрија и тапаси пред нив, мезуцкаат, размислуваат за смислата на животот во февруари, гледаат во морето, воздивнуваат и си велат – туф, да бев во Илинг сега, што убавина ќе беше. Да го видам Илинг во февруари, па да умрам. Велат, 20 степени било таму. Добро, не мора да умрам, ама да одам да видам, да ми помине желбата. Па макар и на неколку денови. Зашто толку траеше убавото и сончево време што измами бројни лондончанки, лондончани и… знаете веќе понатаму.

Ниска линија

И токму во таа недела кога беше убаво времето и нетипично за овој период од годината, ме поканија со група странски новинари да посетам дел од Лондон во кој не сум била којзнае од кога. Односно сум била поодамна, ама сум поминувала некако набрзина, зашто немало што да се види освен магацини, безлични зградички изградени по Втората светска војна, кога блицкригот разурна половина Лондон и беше потребно да се гради брзо и важна беше техничката вредност, а не уметничкиот впечаток. Областа беше јужната страна од Темза, ама не покрај реката, туку нешто над таканаречената „ниска линија“, која никој не ја сакаше за развој зашто не беше атрактивна. Поделен со надземна железничка линија, делот накај реката е развиен и богат, оној другиот… па реков, кога минувавме, минувавме со автомобил, а изгледот беше таков што ногата некако потсвесно ќе нагазеше на гасот.

Но развојот на градот и потребата од станбен простор почна да ги претвора некогашните магацини и стари згради во модерни објекти, со нив дојдоа и нови жители, театри, ресторани и нови бизниси и новите бизниси решија дека сакаат да го подобрат имиџот на областа. И 500 бизниси, од сендвичарници до банки се собраа заедно да си создадат имиџ. Потпишаа договор на 5 години, и овој приватен сојуз наречен Подобар Банксајд (Бетер Банксајд) реши да ни покаже што направиле досега – како ги отвориле затворените аркади под железничките линии и ги дале на приватни бизниси, новите делови што се отворени за уметници и, велат, „слободни мислители“. Ја потенцираа соработката со локалните власти и со градското собрание со кои, иако се приватно друштво, аплицираат за грантови и се разбираат, на заедничко задоволство. За што ве одбиле, ги прашувам. Ако нѐ одбијат за нешто, главно е затоа што нема доволно пари, велат. Па се снаоѓаме и се финансираме сами.

Ах тој воздух

Им го гледам вебсајтот. Имаат информации, активности, од јога вежби и театарски претстави до посебни настани на популарниот Бороу маркет, од попусти во училиштето за вежбање на трапез и кога – шок хорор – информација дека ние сме шетале на најзагадениот ден во годината во Лондон! Убавото и сончево време, невообичаено за овој период од годината, не само што измами бројни лондончанки, лондончани и така натаму… туку го донесе и најголемото загадување во Лондон. Толкаво беше тие денови, а посебно тој ден, што градоначалникот на Лондон, Садик Кан, воведе алармантни предупредувања – на околу 2.500 автобуски и речни станици, на влезовите на 270 метростаници и на улиците беа поставени знаци со инструкции да се исклучуваат моторите кога не се движат, односно кога се во место. Загадувањето било предизвикано од мешавина на локални емисии и нечист воздух, заедно со малку ветер, објаснија градските власти. Затоа ги поддржуваат сите иницијативи, меѓу кои и оваа на Бетер Бансајд да се отворат улиците и премините и пешачките зони за проток на воздухот од Темза и ветрот и зеленилото (макар во контејнери); сè што е можно да го „вентилира“ овој дел од градот.

Ама во меѓувреме… кај го најдовме баш тој ден да шетаме, си велам ретроспективно, додека голтам бонбончиња за грло и ја залечувам алергијата на полен што редовно ми се јавува секоја пролет, а сега дојде во февруари непоканета поради топлата зима невообичаено за…. А ги гледав малку „онака“ двајцата јапонски колеги што дојдоа со црни маски на лицата и не ги извадија сето време додека шетаа, само малку до половина утрината за да се напијат чај и да каснат кроасан со кој нè понудија домаќините. Тие секогаш шетаат така, ми вели нивната колешка од редакцијата, и кога е постудено.

Маската против нечист воздух ја носам во Скопје, всушност имам две, и црна и шарена (да ми одговара со гардеробата, се чудам што воопшто прашувате), ама сега ќе мора и во централен Лондон, додека Садик не ја среди работата, а тоа изгледа ќе потрае. Што се однесува до алергијата, тука изгледа нема маска ниту спас. Барем за мене. Имам пробано холистички пристапи и лекови и природни и капки и што ли уште не, ништо не ми помогнало. Освен лоратадин. И да видите, интересна работа, македонскиот некако подобро ми делува од англискиот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...