Пред некој ден ѝ се обрати на нашата јавност екс-претседателот на РМ Бранко Црвенковски кој му даде јасна поддршка на претстојниот референдум. Иако некои детали од потпишаниот Договор меѓу владите на Заев и Ципрас не го задоволуваат. Не само него, туку и многу луѓе кај нас, како што рече. Веднаш потоа додаде дека штетите од тие детали се неспоредливи со штетите до кои би дошло до колку не успее претстојниот референдум. Тој неуспех би го анулирал постигнатиот Договор меѓу Грција и Македонија.
Во едночасовен разговор на ТВ 21 универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчкоски (министер во владата на Црвенковски на два клучни ресора: за внатрешни и за надворешни работи) му посвети должно внимание на јавното обраќањето на екс-претседателот Црвенковски. Со некои упадливи, критички акценти во негов стил. Тој рече дека го цени гестот на Црвенковски кој повика да се излезе и да се гласа на тој референдум. Но затоа пак „тонот“ од неговото обраќање не бил баш најдобро погоден. Барем што се однесува до неговото уво. Што поточно сакаше да каже со тој „тон“ Фрчкоски?
Секој говор (или дискурс, како што се вели денес) си има свој тон. Тој може да биде висок или низок, остар или благ, пријатен или непријатен. Кон еден непријатен тон вие имете некои отпори. Се браните од него иако не можете да се одбраните кога сте изложени. Тој тон го дразни вашето уво и буди немир во вашата душа кога допира до неа. Има основа да се мисли дека „тонот“ од обраќањето на Црвенковски бил тешко приемлив, дури неприемлив за увото на Фрчкоски, од што следува дека ни не бил баш најдобро погоден.
Треба да се рече, за љубов на вистината, дека Фрчкоски не го употреби зборот „неприемлив“ или „непријатен“ кога зборуваше за тонот од обраќањето на Црвенковски. Кога, меѓутоа, посегна по еден пример во кој соопшти и еден, за пошироката јавност, малку познат (ако не и непознат) податок, со право ќе се помисли дека „тонот“ од јавното обраќање на екс-претседателот бил, барем за увото на Фрчкоски, „неприемлив“ затоа што бил – „непријатен“.
Примерот на Фрчкоски е во врска со оние снимки од УБК, добро познати во јавноста како „бомбите на Заев“, кои доведоа до тектонски потреси во нашиот политички живот, до предвремени избори со техничка влада и, конечно, до пад на автократијата на пастирот Никола Груевски. Тие снимки од УБК првин дошле, според Фрчкоски, до рацете на Црвенковски, а дури потоа до рацете на Заев. Дали екс-претседателот не се осмелил или пак, просто, сметал дека ќе биде многу подобро ако го стори тоа една активна и важна политичка фигура во својството водач на опозицијата Зоран Заев, претседател на СДСМ, тоа беше прашање кое го тргна настрана Фрчкоски во својот разговор на ТВ 21.
Има основа да се мисли, меѓутоа, дека тој стои на становиште дека Заев бил тој што се изложил, по цена на својот живот и оној на неговото семејство, да ги направи достапни за јавноста тие снимки на УБК, а не екс-претседателот кој, од свои, можеби за него доволно добри причини (но не и за Фрчкоски), не го сторил тоа. Зошто? Затоа што, водачот на тогашната опозиција Заев, кој го замени на таа позиција Црвенковски откако си даде оставка (не ги убедив своите соработници дека отпорот против режимот на Груевски е најдобриот начин да се урне тој режим), го сторил тоа што не го сторил Црвековски, а пропуштил да го го стори затоа што „таков“ бил „Бранко, го знаеме“.
Кон тој свој пример, универзитетскиот професор Фрчкоски додаде и еден друг од неговото лично искуство на кој нема да се задржувам затоа што неговата улога се состои во тоа да го поткрепи и да го направи доволно веродостоен оној пример на кој веќе се задржав. Сега се поставува прашањето: како, колку и што зборува тој пример на Фрчкоски за „тонот“ на екс-претседателот Црвенковски кој бил „неприемлив“ и „непријатен“ за неговото уво?
Станува збор за некој „неприемлив“, „непријатен“ или не баш најдобро погодон „тон“ тогаш кога уочуваме некој расчекор меѓу тоа што го зборуваме (содржина) и начинот (форма) на кој го правиме тоа. Едно е, на пример, кога некому ќе свикате: „Што правиш, бре!“, а сосем друго кога ќе речете благо и меко: „Што правиш, бре“. Во првиот случај негодувате. Во вториот искажувате некое одобрување, ако не и задоволство од тоа што го „прави“ оној кому се обраќате. Од таа гледна точка „тонот“ игра важна улога во меѓусебната комуникација која не е помала и во обраќањата наменети на јавноста, какво што беше обраќањето на екс-претседателот Бранко Црвенковски.
На прв поглед, нема некоја впечатлива врска меѓу примерот на Фрчкоски и „тонот“ од обраќањето на Црвенковски затоа што е недоволно видлива. Таа врска е недоволно видлива затоа што е скриена, а скриена е затоа што е врска по длабочина. Или, врската е внатрешна. Онака, како што јас ја изложив тука, станува уште повидлива откако тој пример ќе се искомбинира со оној од личното искуство на Фрчкоски, а за кој не зборував.
Комбинацијата на тие два примера зборува сега дека, во еден момент, важен за државата, Црвенковски се колебал („Таков е Бранко!“) да се изложи на ризик со објавувањето на снимките од Тајната полиција, ризик кој го прифатил тогашниот шеф на опозицијата Зоран Заев. А колебањето е работа која никогаш не се проштева во политиката, како што рече, при еден повод, истиот Фрчкоски. Таа комбинација објаснува уште нешто во врска со „тонот“ на Бранко.
Упадлива беше одмереноста која упатува на дистанца и воздржаност, отсуството на страст и на енергија во „тонот“ на Црвенковски кои имаат и некои свои мотиви, а за кои зборуваа примерите на Фрчкоски. Тоа отсуство на страст и енергија некако ја смалуваат (намерно?) улогата на Заев како во објавувањето на снимките од УБК, така и во постигањето Договор за решение на нашиот долгогодишен, деценски спор со Грција. Каква и колкава е таа улога? Според Фрчкоски, многу поголема и поважна од онаа за која зборувал „тонот“ од јавното обраќање на Црвенковски. За тоа како јас ја гледам и ја разбирам таа улога ќе се обидам да го кажам најнеопходното во следниот напис.