Анте Томиќ: „Додека фудбалската репрезентација победува … Имате ли злосторнички намери, ова време е идеално за вас“

Сите свињарии ќе поминат неказнето ако нашите играат инспиративно и моќен, шампионски фудбал како што покажаа против Аргентина.

1689

Додека хрватската фудбалска репрезентација победува, можете да убиете некого, да му влезете во стан, да го киднапирате, можете мирно да ја убиете вашата жртва и да заминете од местото на злосторството неприметно, никој немаше да примети ништо.

Ако немаше брза реакција на пожарникарските друштва од целото Макарско крајбрежје, денес можеби ќе гледавме со ужас, неверувајќи во изгорените остатоци на Подгора. За среќа, луѓето се ефикасни и не размислувајќи се поздравија со жените и пријателите во кафулето, станаа од каучите пред телевизорите и истрчаа да го гасат пожарот, кој, според сведоци, бил предизвикан од ракета. Дувал, треба ли да воопшто да речам, силна бура, пишува Анте Томиќ во Јутарњи лист. Секогаш кога избива пожар или има силна бура или ураганско југо.

Стотина пожарникари го победија огнот по час и половина борба. За тоа време беше исклучен 35-киловолтниот далекувод, неколку илјади граѓани останаа без струја, сообраќајот на магистралата беше пренасочуван кон заобиколен пат. Изгореа на крајот пет хектари шума и маслиници.

Агенциските вести не објаснуваат како на идиот му паднало на памет за време на бура и по мрак, во дваесет и еден и четириесет и пет да испалува ракета во шума, но не е тешко да се погоди мотивот на непознатиот сторител. Тоа беше непосредно по натпреварот со Исланд на Светското првенство во Русија, кој заврши 2:1 за нашите.

Вреди да се запамети ова, сто луѓе и осумнаесет пожарникарски коли беа потребни за да се сопре веселбата на еден единствен хрватски навивач. Пет хектари под Биоково изгореа, а половина Макарско приморје заврши во темнината кога Хрватска само ја помина групата. Не се осмелувам да помислам каква апокалипса би се случила ако случајно го освоиме првенството. Враќајќи се од Русија, селекторот Златко Далиќ и момчињата веројатно би слетале некаде во Унгарија, зашто целата наша земја ќе биде во крш, оган и безумие како брегот на Газа во работен ден.

Кога Хрватките и Хрватите поради некаков триумф на нивниот воен или фудбалски гениј ќе се распаметат од веселба, знаете и сами, тоа обично завршува со членот 215 став 1 од Кривичниот закон на Република Хрватска: „Кој со пожар, поплава, експлозив, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење или друга енергија или општоопасно дејство или опшоопасно средство предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имотот во поголем опсег, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“.

Ако имате злосторнички намери, ова време е идеално. Мислите ли некого да ограбите, да му провалите во станот, канцеларија или гаража, да го киднапирате, малтретирате, понижувате, да му нанесете потешки или полесни повреди или дури и да го убиете, сите професионални криминалци ќе ви советуваат да го направите тоа додека хрватската фудбалска репрезентација победува. Можете да појдете со лесен чекор, одлучно, но без брзање на адресата на гадот кого сте наумиле да го составите со црната земја. Можете мирно да ја упукате својата жртва и да ја распарчате со секира, да ги растворите нејзините остатоци во солна киселина во купатилото, со силно дезинфекциско средство да ги исчистите крвавите дамки, да ги избришете отисоците од прстите, да си сварите и да се напиете еден окрепувачки чај од шумско овошје и после сѐ да го напуштите местото на злосторството, неприметени во толпата која со пукање, автомобилски сирени и животински урлици уште ќе го слави победничкиот погодок на Марио Манџукиќ.

Сите свињарии ќе поминат неказнето ако нашите играат инспиративно и моќен, шампионски фудбал како што покажаа против Аргентина. Го знаат ова и премиерот Андреј Пленковиќ и Марко Павиќ, министерот за труд и пензиски систем, кои, убеден сум, ни случајно, токму оваа недела избраа да ни ја претстават т.н. целосна пензиска реформа. Зашто, додека вие се ѕверевте во директните преноси од Русија, со паузи само да тркнете до тоалет, да земете пиво од фрижидерот и солени стапчиња, некаде на работ од видното поле помина вестта дека немате никаква иднина.

Од парите кои разумно сте ги штеделе од моментот кога сте се вработиле, не останало скоро ништо. Бирократските болви ги избрстиле. Стотините илјади, кои сте ги ставале на страна кога ќе ве испратат со цвеќе, плакета и златен часовник, различни власти, повеќето хадезеовски, ги потрошиле на плати за државните службеници, на привилегии за бранителите, на спортски сали за Светското ракометно првенство, лимузини со греани седишта, на спасување на Ивица Тодориќ и безбројни други бесмислени ставки. А нема надеж дека ниту една значајна сума некогаш ќе биде уплатена во вашиот пензиски фонд бидејќи младите и образованите не сакаат да бидат ничии будали и масовно заминуваат во странство.

Накратко, да не комплицираме, заебани сте. Ако сте си замислувале како вие со сопругата, во поло маици во пастелни бои, ноншалантно потпрени на дубакот и широко насмеани од крузерот им мавтате на внуците доле на пристаништето, заборавете. Тоа нема да се случи.

Но,нема врска додека трае Светското првенство. Не се гњавете со иднината затоа што нашите ги разбија Нигерија, Аргентина, Исланд и Данска. Додека сме уште во игра, сите злосторства минуваат незабележано, па дури и ова, можеби најголем од сите злосторства во историјата на Хрватска. Осиромашените педесетгодишници и шеесетгодишници моментално се загрижени само за судбините на едвај полнолетните милионери во копачки. Јадните кои останаа без пензии стрепат за среќниците кои својата пензија ја заработија веќе во дваесет и третата.

Нашите луѓе навистина не можете доволно да ги потцените.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...