Томаш Стражај за МИА: Донесувањето на законот за јавно обвинителство ќе биде добар сигнал за Европејците

Треба да почекаме до пролет да видиме што ќе се случи. Верувам дека одлуката оваа година на ЕУ ќе биде попозитивна отколку претходната година., вели тој.

170

Северна Македонија направи многу во врска со нејзината подготвеност за интеграција во ЕУ, но сѐ уште останува работа. Ако сегашниот Парламент успее да го донесе законот за јавно обвинителство пред изборите, тоа ќе биде добар сигнал за членките на Унијата, дури и за оние што се поскептични од оние што се страсни поддржувачи на проширувањето на ЕУ, за да ја поддржат идејата за отворање преговори.

Ова во интервју за МИА го вели Томаш Стражај, координатор на Програмата за Централна и Југоисточна Европа во Истражувачкиот центар на Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка СФПА.

– Би рекол дека Поглавјата 23 и 24 се клучни за иден развој на секоја одделна земја во регионот и затоа ЕУ на ова посветува големо внимание на напредокот во овие области.  Македонија направи многу во врска со нејзината подготвеност за интеграција во ЕУ, но сѐ уште останува работа. И затоа мислам дека доколку порано си ја заврши домашната работа, ќе биде подобро. Ако сегашниот Парламент успее да го донесе законот за јавно обвинителство пред изборите, тоа ќе биде добар сигнал за членките на Унијата, дури и за оние што се поскептични од оние што се страсни поддржувачи на проширувањето на ЕУ, за да ја поддржат идејата за отворање преговори – вели Стражај.

Во интервнуто тој оценува дека огромно мнозинство земји членки на ЕУ сѐ уште се големи поддржувачи на отворањето преговори, како и на проширувањето во целина, и затоа верува дека оваа година ќе се донесе попозитивен сигнал за ова прашање.

– Треба да почекаме до пролет да видиме што ќе се случи. Верувам дека одлуката оваа година на ЕУ ќе биде попозитивна отколку претходната година. Иако би рекол дека одлуката од минатата година да не се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија беше како резултат на разликите во позициите на некои земји членки. Oгромно мнозинство земји членки сѐ уште се големи поддржувачи на отворањето преговори, како и на проширувањето во целина, затоа веруваме дека оваа година ќе донесе попозитивен сигнал. Исто така, Самитот на ЕУ што ќе се одржи во организација на хрватското претседателство во Загреб ќе биде одлична можност да се презентира нова добра порака не само кон земјите во регионот, но исто така и кон јавноста во ЕУ и во светот. Европската Унија сега се соочува со тешка ситуација, кога една од најважните членки ја напушта Унијата. Затоа во исто време ЕУ ќе даде сигнал дека е отворена кон земјите што сакаат да станат членки и мислам дека ова ќе ни овозможи нам, Европејците, да ја проголтаме оваа горчлива пилула на Брегзит подобро, отколку без позитивна одлука- вели Стражај.

Тој додава дека на земјава и претстои голема работа по донесувањето на одлуката од страна на ЕУ.

– Нашето искуство е дека е потребно многу работа. Барањата од Брисел се високи и исто така бројот на поглавја е поголем за сегашните земји кандидати отколку што беше во 2004 година, кога Словчка и други земји од Источна Европа се приклучија кон ЕУ. Така што сметам дека градењето капацитети на експерти е перманентен процес и не можете да се откажете од отворањето преговори, или дури откако ќе влезете во ЕУ, бидејќи Унијата речиси секој ден носи нови легислативи и земјите членки мора да бидат подготвени да го усвојуваат тоа законодавство, но исто така да имаат и свои позиции, кои треба да бидат базирани врз сопствена експертиза. Локалната експертиза е навистина потребна и она што Словачка може да го направи е да пренесе дел од своето искуство. Не само во постигнувањата, туку и научените лекции од пристапниот процес на најпријателски начин да ги пренесеме на земји како што е Северна Македонија. Проектот на Националната конвенција може да се смета како правилен инструмент како да ги пренесеме нашите искуства во пристапувањето на вашата земја и како вие можете да учите од нашите грешки со цел да бидете успешна земја членка во иднина – вели Стражај.

Коментирајќи ја новата методологија Стражај вели дека е тешко да се каже колку долго ќе трае преговарачкиот процес за секоја одделна земја кандидат .

– Не мислам дека францускиот предлог е финален, бидејќи има уште идеи од страна на други земји членки, кои се поголеми поддржувачи на политиката на проширување. Сметам дека е најважно да се подготват капацитетите на одделна земја – сега зборуваме за Северна Македонија и Албанија, да се подготват за процесот на интеграција, како и за преговори. Во оваа смисла сметам дека проектот на Националната конвенција игра многу важна улога бидејќи има неколку работни групи и подготвува експерти и ѝ обезбедува на Владата препораки во конкретни области што се суштински за идно пристапување на Македонија во Европската Унија. Градењето капацитети во државата и реформите се аспекти што се потребни и треба да бидат потенцирани. Секако позицијата на ЕУ и на земјите членки е доста важна. Но исто така и барањата кон земјите што преговараат или ќе преговараат за влез во ЕУ.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...