Одвнатре раскарани и закрвени, однадвор понижени и отфрлени, третирани како лепрозни кои треба да се држат на дистанца, пробуваме да глумиме некаква нормалност за да можеме да функционираме на дневна основа.
Всушност, глумењето нормалност ни е издигнато на едно маестрално ниво и тоа е нешто што нè одржува во каква-таква рационална кондиција.
Кога некој некаде би ме прашал што е тоа што не чини и што треба да се промени во државата, веројатно не би знаел да му одговорам, бидејќи не може да се даде одговор во една, две или три реченици. А штом одговорот е подолг од три реченици, тоа веќе не е одговор.
Толку многу работи се погрешни, а толку малку луѓе се трудат да ги сменат или поправат. Не постои критична маса луѓе која ќе иницира и ќе направи вистинска квалитативна промена во општеството. Дури и оние што би можеле да ги износат промените на плеќи, се апатични, летаргични и целосно интровертни и незаинтересирани да бидат дел од тие процеси.
Ова вака ќе потрае, а се плашам дека ќе станува и сè полошо, бидејќи се иселува државата и се осипува разумниот потенцијал.
Многу често си го поставувам прашањето – на која раскрсница погрешно свртевме? Каде се утна работата…
(ФБ статус на авторот)