Толерантен сум, ама ас не забравам!

Ние сега градиме добрососедски односи и со Бугарите и со Грците и се трудиме да бидеме толерантни кон тие негирања. Ако мене ме прашате, тоа е исправна политика. Но, не прифаќам ние самите себеси да се негираме. Било од незнаење, било од причини поврзани со традицијата или трагедијата (кој како чита) на некои луѓе чии претходници веќе се истакнаа во негирањето на македонштината.

6053

Постојат две разбирања на поимот Македонија.

Првото разбирање е поврзано со нашиот етнички идентитет, кој е од словенско потекло (словеномакедонски). Ние во Договорот од Преспа и формално се откажавме од инаку непостоечкото културно наследство на античките Македонци. Тоа, всушност, овозможи да се постигне компромисно решение за спорот со Грција.

Второто разбирање на поимот Македонија е она на нашите соседи Грците. Тие македонското го разбираат како ексклузивитет врз наследството на античките Македонци. Како што пишував уште пред 11 години, во идентитетска смисла тоа наследство е празно множество, па нема потреба за него ние да се биеме (тогаш многу денешни „преспабранители“ ме напаѓаа за таквите ставови). Грците го присвојуваат тоа наследство со право, бидејќи Александар Велики најмногу ја проширил хеленската култура во тогаш познатиот свет. Но, не е точно дека тие себеси се нарекуваат Македонци.

Во етнокултурна смисла, не постојат луѓе кои се идентификуваат според географските региони и места. Не постојат „грчки Македонци“, како што не постојат „бугарски Македонци“, а ниту „албански Македонци“, или, да речеме, „гевгелиски Македонци“.

Дури и оние луѓе кои живеат во Грција, а зборуваат јазик за кој „не е наше да кажеме кој е“ (Миле Бошњаковски), не се „грчки Македонци“. Од таа причина, навистина не го разбирам плеткањето на министерот Никола Димитров, а потоа и обидот на портпаролот Бошњаковски тоа плеткање да го оправда, во нешта кои навистина се внатрешни работи на нашите грчки пријатели. Патем речено, голем дел од новите генерации на тие „спорни“ луѓе веќе не го говорат македонскиот јазик, туку говорат грчки, се школуваат на тој јазик и се целосно интегрирани во грчката култура.

Но, има и едно трето разбирање на поимот Македонија. А тоа е тезата дека Македонци во етнокултурна смисла воопшто не постојат, туку дека тоа се делови од другите нации кои се идентификуваат според географското подрачје Македонија. Тоа, демек, сме ние. Вештачка творба. И затоа, кога во Грција или почесто во Бугарија, се вели „тој е грчки Македонец“ или „тој е Македонец от Б’лгарија“ или „македонски Б’лгарин“, тоа е негирање на македонската нација во етнокултурна смисла.

Ние сега градиме добрососедски односи и со Бугарите и со Грците и се трудиме да бидеме толерантни кон тие негирања. Ако мене ме прашате, тоа е исправна политика. Но, не прифаќам ние самите себеси да се негираме. Било од незнаење, било од причини поврзани со традицијата или трагедијата (кој како чита) на некои луѓе чии претходници веќе се истакнаа во негирањето на македонштината. Ас не забравам!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...