Тодоров скршил врата во Собрание, Села го маскирале во полицаец, а Шекеринска во докторка

1097
ФОТО: Фејсбук профил на Никола Тодоров

Никола Тодоров, поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кој денеска сведочи во Кривичен суд за немилите настани во Собранието кажа дека на 27 април за да може да го изнесат со амбулантно возило повредениот пратеник Зијадин Села го маскирале во полицаец, а Радмила Шекеринска во докторка.

На прашања од обвинителката Вилма Рускоска, тој објасни дека на 27 април бил во Парламентот и присуствувал на конститутивна седница, на која дел од пратениците пристапиле кон избор на претседател на Собранието, надвор од местото на кое требало тоа да се направи.

– Ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бевме собрани околу говорницата и со пеење се обидовме да го спречиме таквиот начин на избор на претседател на Собранието. Никој од пратениците не беше насилен – рече Тодоров.

Тој објасни дека потоа се упатиле кон прес салата, а тој излегол од пленарната сала и отишол во кабинетот на претседателот Трајко Вељаноски каде чул галама и излегол да види што се случува.

– Видов дека пленарната сала беше исполнета со луѓе кои пееја и вееја знамиња. Беше многу задушливо и излегов до тоалет. Потоа ми се јави Шекеринска и ми кажа дека е вон прес салата, каде еден човек веќе е мртов. Итно се јавив во Здравствен дом Скопје и побрав итна медицинска помош, по што се упатив во прес салата – рече Тодоров.

Поради тоа што имало гужва во прес салата луѓето го истуркале и со неговото обезбедување се повлекол во гаражите од каде повторно се јавил да праша до каде е возилото на итната помош.

– Директорката ми кажа дека возилото е пред Собрание, но има многу луѓе и не може да влезат. Тогаш ѝ кажав ако не може возило, да влезат само лекари – рече Тодоров.

Откако влегле лекарите, отишол заедно со нив и пробале да влезат во прес салата, но не можеле. По неколку неуспешни обиди да влезат веќе почнала полициска акција за извлекување. Ми кажаа, додаде тој, дека Села е тој што е најтешко повреден, но дека не знаат каде е.

– Побарав од моето обезбедување и уште некои други полицајци да го побараме во Собранието. Се јавив кај државниот секретар во Министерството за здравство, кој ми кажа дека Села е во соба 203 или 202 на вториот кат. Се упативме таму, тропавме, но никој не се јави. Јас ја скршив вратата, но немаше никој внатре. Потоа се качивме на третиот кат во соба 302 или 306, каде го најдов Села со уште две лица, кои по негово кажување му помогнале. Села ме позна. Се поздравиме. Ги извадивме сите надвор и направивме напори лекарите да работат – потенцира Тодоров.

Тогаш лекарката му рекла дека стравува оти Села има внатрешно крварење и мора да се транспортира во Градска болница.

– Му се јавив на Чавков и му реков каква е состојбата на Села и дека треба да се направи акција за негово извлекување. За кратко ми се јави Чавков и ми кажа дека Села ќе биде извлечен и транспортиран до болница. По кратко дојдоа специјалци. Пробавме да го изнесеме од влезот што гледа кон Зелено пазарче, но имаше голема група луѓе и не можеше да излеземе и се повлековме. Села го сместивме во клубот на пратеници и направивме импровизирана амбуланта. Потоа дојдоа повеќе полицајци и успеаја да го транспортират Села од задниот дел. За да може да ги изнесат Села го маскираа во полицаец, а Шекеринска во докторка – рече Тодоров.

Тодоров излегол со амбулантно возило во кое биле тој, Радмила Шекеринска и двајца полицајци и отишле во Клинички центар. Потоа се вратил во Собрание да помогне, но веќе траело извлекувањето на пратениците од СДСМ и Собранието било празно по што си заминал дома.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...