Поранешниот министер за здравство и член на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров потврди дека нема да го бојкотира претстојниот референдум, но оти ќе направи гласачкото ливче да биде неважечко. Тој вели дека откако претходно се залагал дека секое евентуално решение треба да помине на референдум пред граѓаните, сега не би било коректно да бојкотира или да повика на бојкот.
– Како вмровец и конзервативец срцето не ми дава да заокружам „за“. Јас сум против овој договор затоа што сметам дека договорот е лош, ми пречи и ме боли и ми предизвикува горко чувство фактот што треба и по дома да се викаме со ново име што ни се наметнува. Да ни се наметнува како дома ќе се викаме, тоа не можам да го прифатам, рече Тодоров во интервју за Телма и додава дека би било многу подобро да се менува името за надворешна употреба и ФИРОМ да се замени со Серверна Македонија.
Друг спорен дел, заради кој не може да гласа „за“, како што рече, е и тоа што делови од договорот се занимаваат со историја.
Тодоров додава дека не може да гласа ниту против, бидејќи тоа би значело дека е против НАТО и ЕУ, затоа, потенцира одлучил да го поништи ливчето, односно да го направи неважечко.
Против бојкот, како што рече, е поради тоа што политичкиот простор за бојкот бил заземен од други политички структури кои имаат стратешки определби различни од ВМРО-ДПМНЕ, но и поради тоа што секогаш се залагал за референдум за било какво решение.
– Мене од секогаш ми било јасно дека ако има некаков договор тој секогаш ќе биде повеќе во корист на Грција, отколку на Македонија, ова е тешко прашање. Сите пробувале да најдат некакво решение. Сега имаме решение кое не е добро, но, дали може да биде подобро во иднина, јас би рекол многу тешко. Во минатото можеби сме можеле, но во иднина не, затоа што условно кажано никој нема да се откаже од позициите стекнати во преговорите, Македонија од македонски јазик и државјанство, а Грција од ерга омнес, рече Тодоров.
Додаде дека тешко му паѓаат големиот број негативни коментари на неговиот Фејбук профил од членови на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не се плашам за својот живот, но коментарите ме погодуваат, особено што дел од нив ги познавам. И затоа што ова не го правам да го предадам ВМРО-ДПМНЕ, никогаш и под никои услови не би го предал ВМРО-ДПМНЕ, рече Тодоров.