Концесионерите на „Македонско село“, хотелот „Квинс“ и „Тинекс“, се подготвени да платат 43.000 евра и да подмират кријата за следните шест месеци, откако вчера еднострано го раскинаа Договорот за јавно приватно пратнерство со службата за општи и заеднички работи на Владата. Ова било договрено на денешната средба на претставници на концесионерот и владината служба.
На средбата, како што соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски, концесионерите биле децидни дека изминатите две години колку што управуваат со „Македонско село“ регистрирале загуби и имале големи трошоци.
Службата за општи и заеднички работи на Владата на следната седница ќе достави информации околу целокупната постапка, и потоа Владата ќе донесе одлука што ќе прави понатаму со овој комплекс.
– Претставници на менаџментот известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од Договорот, а тоа подразбира активирање на гаранцијата за квалитетно извршување на Договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43.000 евра – рече Мирчевски.
Според него, иако инвестицијата за изградба за комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Република Македонија, овој комплекс се финансиски неодржив.
– Одлуката за овој неодржлив проект ја има донесено Владата на Република Македонија потпишана од поранешниот премиер Никола Груевски. Притоа од парите на граѓаните за оваа непродуктивна инвестиција се издвоени 6,5 милиони евра со цел комплексот да биде ставен во функција. Ако се имаат во предвид сите трошоци околу комплексот, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека граѓаните ќе може да си ги повлечат потрошените пари после 150 години -рече Мирчевски.
Комплексот „Македонско село“ од денеска официјално е затворен.
Хотел „Квинс“ и „Тинекс“, сопственост на семејството Тодоровиќ, во јануари 2016 година го добија под концесија од 20 години комплексот „Македонско село“ за месечна кирија од 3.500 евра.