Вниманието со кое меѓународната заедница, на различни, до највисоки нивоа се труди да го поддржи актуелниов македонски напор за успешно одвивање на нашава евро-атлантска приказна, е трогателно. Писма, апели, изјави на бодрење, делегации и емисари кои се редат како на индустриска лента, новински текстови и радио-телевизиски репортажи во десетици престижни медиуми, го ставија Скопје во центарот на европското внимание како што тоа одамна, многу одамна не ни се случувало. А и кога ни се случувало, бевме во фокусот на меѓународната загриженост заради кризите и заканите со кои се соочувавме во изминатите триесетина години. Денеска, пак, сме претставени како изненадувачки успешна приказна којашто рефлектира стабилност и пријателство во целиот регион.
Ефектите од тоа се мерливо позитивни: директните странски инвестиции и извозот бележат децениски рекорди, бројот на странските туристи само расте, количеството на странската поддршка за нашите реформи практично зависи само од тоа колку ние гладна уста ќе отвориме, течат меѓународните развојни финансиски фондови под услови како кога блиското семејство би ви позајмило пари за да си купите нов стан…
Е, сега, има една сурија овдешни мрчатори, а и еден список на разни дијаспорични Џоновци и Половци од Мелбурн до Детроит, за кои и тоа не чини! Со тоа, наклапаат мрчаторите, странците – тие лицемери и докажани мрачни сили со двојни стандарди кои перфидно сакаат да нè обезличат! – правеле „притисок“ врз слободата на граѓаните за изјаснување на референдумот.
Ти ги крстиш, они прдат. Само чекам да се најде некој од анти-референдумсково движење – најверојатно ќе биде и со докторска титула пред името, од универзитет финансиран и од фондовите на ЕУ, на пример – кој ќе побара Меркел, кога ќе слета во Скопје, да клекне и да ни се извини за злосторите на фашизмот од Втората светска војна (иако, пригодно, забораваат овдека кој кого поддржуваше во таа светска хаварија!), а баш е згоден момент и сметка за некои неисплатени воени репарации да ѝ испорачаме на сегашнава германска канцеларка, колку да се знае дека македонската гордост и библискиот идентитет, овој наводен папок на светот, не можат да се доведат во прашање со една посета на Скопје! Raus!
Всушност, кога ги слушам и читам оние кои се против референдумското изјаснување – што е, молам, сечие демократско право – ако ги исклучам овие што отворено и ирационално си го мразат, општо, Западот (или, конкретно, Грција); и оние кои се на директен руски платен список; или оние кои имаат витален „правосуден“ или кариерен интерес за нова политичка криза во земјава; тогаш останува еден број на анти-референдумски пропоненти чии аргументи, реално, не ги разбирам. Има во нив нешто општо морализирање и конкретно „историзирање“, можеби и одредена желба за политичко балансирање и воопштено „дување на маштеница“, но, на крајот, целата позиција им изгледа прилично неубедителна кога ќе се спротивстават неспорните придобивки наспроти неизбежните ризици од неуспехот на референдумот, за што се залагаат. Т’нко, брате. А повремено и прилично наивно, местимично суетно, тука и таму по некоја фрустрација и дестилиран инает.
Но, за тоа се боревме: секој да може да си го каже ставот, а за тоа да нема последици. Во таа смисла, референдумот веќе може да се прогласи за успешен. Каков што, сепак, ќе биде и фактичкиот резултат од гласањето.
Извор: Цивилмедиа