За 3 декември се одложи денешното рочиште за предметот „Титаник 2“ на СЈО, на кое требаше да се презентираат материјални докази.
Претседателот на судечкиот совет, Огнен Ставрев, даде рок од три дена одбраната да се изјасни дали некој ќе ги предложи обвинетите за сведоци.
На почетокот на рочиштето Ставрев ги извести присутните дека ги прифатил како сведоци Љупка Гугучевска, Адмир Шабани и Љубомир Атанасовски, и дека привремениот деловник го прифатил како материјален доказ.
Одбиени се неколку поднесоци на Бедредин Ибраими за кои обвинетиот, револтиран од одлуката, рече дека доколку е така тој веќе нема да доаѓа на рочиштата.
Судијата Ставрев му посочи дека доколку направи така ќе го присили судот да преземе мерки што нема да бидат во негова полза, на што обвинетиот Ибраими рече „правете што сакате штом не ми дозволувате да ги изнесам моите докази“.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.