„Титаник“ никако да заплови во судските води

На денешното рочиште се појавија сите обвинети, меѓу кои и Гордана Јанкулоска која не дојде на претходното поради отворено боледување.

746

Судењето за случајот „Титаник“ во кој се обвинети Никола Груевски и уште 20 други лица, никако да почне. Судењето е одложено од иста причина како и минатото рочиште, односно затоа што сѐ уште нема решение за барањето на адвокатите на обвинетите да се изземе судечкиот совет, претседателот на Кривичен, неговиот заменик, како и претседателката и заменикот на Апелациониот суд.

Адвокатите побараа изземање поради сомнеж дека судиите се дел од нелегално прислушуваните разговори. Тие посочија дека специјалната обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју кажала дека постојат судии кои биле прислушувани и постапуваат по предметите на СЈО. Еден од адвокатите испратил барање да му кажат кои се прислушуваните судии, но Јанева сѐ уште не одговорила, па затоа се побара изземање на целиот судечки совет, претседателите и замениците на Кривичен и Апелација.

На денешното рочиште се појавија сите обвинети, меѓу кои и Гордана Јанкулоска која не дојде на претходното поради отворено боледување.

Ова не е прво одложување на „Титаник“. Поради низата одложувања, предметот сѐ уште не почнал.

Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и неговиот поранешен шеф на кабинет Мартин Протуѓер, екс генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец Едмонд Телемко, пратеникот Илија Димовски, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Мунир Пепиќ, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...