Тимјаник како м(р)ачна реалност на денешна Македонија

Спокојно продолжуваме да ја живееме нашата робијашка рутина, од оброк до соба, од соба до прошетка, во тој наш собран простор каде што весело „чуф-чуф-каат“ локомотиви, лежерно поврзувајќи го Скопје со Долно Дупени, и Кајмакчалан со Табановце, тој наш космос во кој сме „свои на своето“.

237

Аха, значи така изгледа патувањето со воз низ Европа: се качуваш во Мадрид на пат за Стокхолм, попат никаде не покажуваш документ, освен возната карта. Па стигнуваш непречено кај ти „ќефне“, да речеме во Берн. Или да речеме влегуваш во воз за Талин, па ја поминуваш Летонија, Полска, Германија, Франција, Португалија, и стигнуваш повторно во Мадрид, Шпанија? Практично се движиш низ овие земји непречено како низ својот двор.

Сигурен сум дека ова искуство ќе биде достапно и за Македонците, а потоа ќе стане составен дел од нивното секојдневие, и за некоја година ќе се чудат луѓето колку е ова нормално и добро, колку е само „природно“. Човек на добро лесно се навикнува, само ако го пуштиш тоа да го направи, ако не му ги поматиш перцепциите на разумот, ако не му баеш за нашата „предност во заостанатостa“, или пак, изолираностa, што всушност е едно исто.

А, добро, нели и кај нас е исто како и во безвизната Европа? Ете, на пример, влегуваш во воз Скопје – север и слободно се возиш до… Неготино. А и кој ѓавол ќе бараш понатаму? Што има „понатаму“? Всушност, патувањето низ македонските напредни железници – кои со мирна душа може да ги наречеме „челични коњи“, тргнуваат, да речеме во среда, и до сабота навечер, ако нема задоцнувања, веќе си на главната железничка станица во Неготино. Така, имено, живееме ние во Македонија во раниот дваесет и први век: просторот опасно ни се собира, како на некој робијаш што бескрајно шета низ тесната ќелија, ама, пак, затоа времето бескрајно ни се шири, не можеш да го собереш, стеснеш, зипуваш, да го востоличиш во нешто разумно, па ако сакаш биди и два пати поголем одошто си. Тука времето тече и прска како пробушена славина, ти клизи низ прсти, ниту можеш да го контролираш и зауздаш, ниту да го употребиш онака како што ти сакаш, во некоја своја, сосема скромна и разумна цел, затоа што твојот простор до микронски димензии се собира, а твоето време бесмислено и празно ги развлекла некаква нејасна, слаткоречива и душманска сила која владее со овој тесен и ограничен простор наречен Македонија, демек така е за твое добро, а длабоко и готово нескриено те презира и тебе, и твоите потреби, и се што би можело да ти се пристори како вредно искуство, вредно за доживување, тоа проживување кое му е достапно на секој европеец од Талин до Лисабон, од завеаниот Рованиеми („официјалниот“ дом на Дедо Мраз) до Крит, таму каде што некои исончани луѓе во мир на Божја правда си прават вино и маслиново уље за себе, и некои други луѓе раштркани низ широчината на својата земја „Шенгенија“, единствена земја на светот која се шири на радост на „анкетираните“.

Мерна единица на изолираност

Е, тука, имено, во мрачната внатрешна сила, Македонија се предаде пред повеќе од дваесет години, а оваа, пак, ги заклучи внатре луѓето од селото Тимјаник, и го фрли клучот; надворешниот свет ја разбра пораката, а бидејќи однатре почна да го допира и она што е однадвор, преливајќи се на начин што на никому не му е добро, а надворешниот свет и постави катанец на Македонија, аларм, ја заклучи на два пати, донесе крвожедно „гранично“ куче. И оттогаш така трае и никако да престане, џабе сите бунтови, џабе славните „историски“ датуми, џабе серија од „демократски влади“ и помпезно проевропски прокламации: Македонија станува „Албанија на современата Европа“, онаа Албанија што ја паметам од детството како егзотична и бизарна, а во просторот така блиска на Не-земја, како нешто во кое не се оди и место од кое не се заминува, како еден вид „мерна единица на изолираност“.

Ако си ги гледал – а зарем си можел да не ги гледаш?! – сите оние министри и „министранти“ што се ракуваа и се пипкаа меѓу себе тргајќи ги последните, симболички меѓугранични бариери измеѓу нивните држави (денес во повисока смисла наречени „држави од земјата Шенгенија“), ако си гледал како „минут до дванаесет“ се удираат печати во своите пасоши, тешко дека ќе можеш да помислиш дека тебе и твоите таму ве нема, а и не само тоа, туку ве нема ниту во подалечната околина, и со сигурност тоа ни кажува сè што воопшто треба да знаете во што се претвори ти и твојата земја, и во што ти и твојата земја ги „скрцкавте“ своите години од таканаречената „независност“. Тоа во што ги „скрцкавме“ дваесет и седум години се вика едно големо Ништо. И тоа што се случи во селото Тимјаник е парадигматски образец за тоа како денес изгледа цела Македонија – и гледај! – баш така изгледа и така мириса; баш таков и е вкусот, а и баш толку вреди! И дотолку полошо за тебе, за сите нас, што тргнавме во едно ништо, а имавме многу подобра стартна позиција од сите развластени советско-источни републики: тоа уште повеќе ни говори дека нашиот пад е уште подлабок одошто нам ни се чини, затоа што падот после сè беше од пристојна висина.

Живот под стаклено ѕвоно

Никогаш откако постои „националната држава“ во онаа досадна, тоталитарна и сераспространета модерна смисла, не беше вака слободна и широка за сите свои луѓе; ќе рече некој, а, пак, затоа, никогаш не беше вака затворена за „оние другите“, во што има некоја вистина, а над таа вистина, без разлика колку била половична, можат да им го задаваат на оние од далечните краеви, ама не и на нас, луѓе што „природно“ ѝ припаѓаме на таа заедница, и тоа никој не може да ни го спори, но сè направивме од таа заедница да бидеме „изопштени“. Па сега живееме во овој кафез од Скопје до Неготино, понижени и навредени како кај Достоевски, патетични како кај Достоевски, ирационални како кај Достоевски. Дури, ми се чини, за „нашата генеза“ недвојбено надлежен е некој опак писател, можеби Нушиќ, можеби Јонеско, затоа што тој е писател на „Носорогот“.

Врескаа таму некои луѓе од село Тимјаник, некои „луѓе што не сме ние“, овде, каде што татнат брзи возови и автопатишта, сè она што густо го поврзува Шенгенскиот свет, ама се тоа „кои не сме ние“ ич не нè погаѓа, затоа што спокојно продолжуваме да ја живееме нашата робијашка рутина, од оброк до соба, од соба до прошетка, во тој наш собран простор каде што весело „чуф-чуф-каат“ локомотиви, лежерно поврзувајќи го Скопје со Долно Дупени, и Кајмакчалан со Табановце, тој наш космос во кој сме „свои на своето“. А тука и таму ќе ни дојде по некоја посета, ќе ни донесат медени колачиња, ако бидеме добри. И така ни поминуваат деновите и годините, веројатно сме на доживотна, но сепак, ни намигнуваат, има надеж за амнестија.

Добро, што се случи со тоа нешто како „стабилизација и придружување“? Изгледа со такви тривијални работи ние не се занимаваме, а Талин, а Лисабон, а Франција, а Португалија, а Шпанија… Не, ние ќе продолжиме да живееме под стаклено sвоно, заварени од надвор, заклучени однатре, сè додека не одумреме од „безвоздушност“, верувајќи дека така ќе отидеме во рајот, обесхрабрени од она што го гледаме преку компјутерското стакло во селото Тимјаник, надевајќи се дека тоа нема да стане матно и непроsирно, тонејќи во маглата од некои чудни испарувања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...