Тимјаник до Царовска: Колете нѐ и бесете нѐ, нема да дозволиме дом!

Жителите се заканија дека од септември нема да ги пуштаат децата на училиште.

2618
„Сакаме градинка, а не дом за деца со попреченост“ ѝ порачаа жителите на селото Тимјаник на министерката за труд Мила Царовска, која денеска заедно со претставници од УНИЦЕФ и УНДП го посети селото.

– Да нѐ колете и да нѐ бесите, тука нема да дозволиме да се изгради таков дом – рекоа жителите.

Жителите се противат на отворање мал групен дом за деца со попреченост.

Претставникот од УНИЦЕФ им се извини на жителите што досега не биле информирарни за создавањето на домот за деца со попреченост во рамки на кампањата.

– УНИЦЕФ ќе поддржи изградба на градинка – рече тој пред бучните демонстранти кои не му дозволуваа да се доискаже.

Жителите се заканија дека од септември нема да ги пуштаат децата на училиште. Тие бараат да дојде градоначалникот на Неготино, како и премиерот Зоран Заев.

– Сменете ја одлуката за пренамена на објектот. Ова ни беше гром од ведро небо. Никој ни на сон не можел да сони дека ова ќе се случи во нашето село. Ќе ви дадам еден хектар нива на крајот од селото за да изградите објект – ѝ порача еден жител на Царовска.

Царовска се обиде да биде конструктивна и рече дека треба да се најде заедничко решение за да се сместат три деца и да се отвори градинка. Таа вети дека ќе направи сѐ за Тимјаник да добие градинка.

Групниот дом за деца со попреченост треба да се отвори во просториите на старата амбуланта во центарот на Тимјаник, каде ќе бидат префрлени три неподвижни деца од Специјалниот завод од Демир Капија.

Жителите негодуваат и поради тоа што домот ќе биде во близина на училиште и во близина на откупни центри.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...