Одговорноста за недобивање датум за преговори не е само на Франција, туку и на земјите кои ѝ ветувале на Македонија дека на овој самит на ЕУ ќе биде доделен фамозниот датум, рече денеска на прес конференција францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и додаде дека откако се надминати емоциите, сега ќе треба да размислуваме потрезвено.
– Ги следевме сите реакции, а првата е разочарување. Одредени лица дадоа ветувања, а потоа ја префрлија грижата на другите. Сега и тие треба да понесат одговорност, а јавноста беше подготвена, што беше дополнителен притисок останатите земји членки за да се произнесат позитивно. Требаше да се разговара за реформите, а потоа се случи чудна промена – дека поради Преспанскиот договор требаше да се даде позитивна оценка, не е само од власта, туку и од земјите-членки. Се соочивме со прашања од геополитичка или геостратешка точка. Тоа не беше француската перспектива. Мислам дека перспективата, која отсекогаш била јасна кај француската страна им беше пренесена на грчките и на македонските соговорници, но таа беше загубена по пат. Ако јас треба да ги објаснам емоциите, ќе кажам дека разбирам и чувствувам. Кога три години го споделуваме животот со еден народ ги споделуваме и разочарувањата. Но има дипломатска област, политички разговори за иднината на ЕУ. Таа иднина се подготвува во перспектива со нови земји членки. Во тек се разговори за брегзит, за финансискиот колач и сето тоа има влијание врз проширувањето. Мисла дека треба да извлечеме поука од сето тоа, поука за нас, за моите власти, но и за тие кои можеби од невнимание дале надежи. Тие надежи остануваат наш фокус, станува збор само за една етапа, тоа е пораката која сакам да ја пренесам до вас – рече Тимоние на прес конференција.
Според него, претседателот на Франција, Емануел Макрон, јасно кажал дека има поразлична анализа од другите земји-членки на ЕУ.
– Претседателот Макрон многу јасно кажа дека тој има сопствена анализа поразлична од другите партнери. Тука набрзина беа презентирани како француско вето. Но имаше сложена дискусија, нашата министерка направи цел извештај и имаше различни толкувања за Северна Македонија и за Албанија, многу силни дискусии. Дали да се одвојат или да се поврзат Македонија и Албанија или не. Но тие толкувања завршија преку француско-германски предлог, кој не беше прифатен од страна на другите партнери. Тој предлог не беше усвоен. Жалам што тој предлог не беше задоволувачки, не успеа и остана да се навратиме на одлуката на претстојниот самит во Загреб. Со тоа се отвора прашањето за нашето сопствено функционирање, за функционирањето на Унијата. Што значи проширувањето – рече Тимоние.
На прашање дали од амбасадата отишла информација до Макрон дека Албанците од Македонија ќе дестабилизраат ако само Македонија добие датум за почеток на преговорите, Тимоние одговори дека треба да се зачува рамнотежата во регионот.
– За албанското прашање, не може да не се земе предвид тенденцијата која постои во таа земја. Претседателот сакаше да покаже дека ние не може да ги гледаме случаите изолирано. Новината која е видлива во Косово бара од нас да бидеме претпазливи. Процесот на проширување не е доволен сам по себе за да се стабилизираат историските прашања – рече Тимоние.