Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние најави будно следење на реформите до одлучувачкот ден за датум за почеток на преговорите со ЕУ и дека ставот на неговата земја е дека Унијата повеќе не треба да прима земји што се заложници на, како што вели, десетина семејства.
Ова Тимоние го истакна во интервју за порталот „Порталб“ во кое повтори дека домашните задачи што ги добила Македонија не се решени, а како еден од примерите го наведе законот за тајната служба за чие носење е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот.
– Може да кажеме дека членството на некои земји би можело да биде поефикасно. Ниту преговорите ниту нивното членство во ЕУ не придонесе да се променат нештата во нив. Ова е затоа што, и покрај реформите, нивниот систем останува блокиран од политичките партии, како и од десетина семејства кои во заложништво го држат економскиот систем. Такви земји не сакаме повеќе да прифатиме во ЕУ – нагласи Тимоние.
Франција и натаму го чува во тајност својот став дали Северна Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ во октомври. Забележува дека функционирањето на правосудството не е на потребното ниво и натаму се наоѓа во канџи на политиката како и третманот на високата корупција.
– Наместо партиите да се концентрираат на решавање на проблемите, особено корупцијата, тие се закануваат едни на други – вели францускиот амбасадор.
За него останува отворен и случајот „Рекет“, но и други судски предмети што не се затворени за што порача дека очекува транспарентна истрага.
– Датумот за почеток на преговорите пред се треба да има суштина отколку само форма и треба да има реален, убедлив и сериозен напредок во областа на правосудството. Не треба да бидеме заложници на логиката дека на Северна Македонија треба да ѝ се даде датумот како подарок, само затоа што чекаше долго пред вратите на ЕУ – истакна Тимоние.