Верувам дека постојат големи очекувања, но знаете, Европската Унија сама по себе не може да има улога на спасител. Таа е подготвена и има обврска да помогне затоа што вашата иднина е европска и ние воопшто не се сомневаме во тоа, но треба да се работи на двете страни. Ние, од наша страна, вие од ваша страна, а особено политичките чинители кои ќе мора да го изнајдат патот на компромисот, без да се прибегнува кон заемна амнестија, вели францускиот амбасадор во држвава Кристиан Тимоние во интервју за весникот „Вечер“.
Зборувајќи за методологијата за проширување на ЕУ што ја бараше Франција, тој истакна дека пристапот во моментот е позитивен и оти се во потрага по решение, без да се создаваат нови проблематични состојби.
За отпочнување на преговорите, наведува Тимоние, потребно е целиот институционален систем да биде подготвен. Некои наши партнери, како и Комисијата, посакуваат брз календар, што соодветствува со нашите претпоставки. Терминот што си го дадовме и кој експлицитно е наведен во заклучоците од последниот Совет, тоа е загрепскиот Самит.
– Дали тоа значи дека тогаш ќе се официјализираат одредени одлуки и ќе се забрза процесот, не би знаел да кажам, иако ние тоа навистина го посакуваме. Колку побрзо започнеме да ја применуваме новата методологија, толку подобро. Уште еднаш ќе кажам дека наша желба е што побрзо да видиме конкретни резултати, особено тоа да го почувствуваат граѓаните. Сакам да ве потсетам дека постојат и одредени буџетски прашања, затоа што ние во моментов водиме преговори за новиот буџет на Европската Унија за наредните години, што воопшто не е едноставно, бидејќи како што знаете, со заминувањето на Обединетото Кралство ќе се создаде недостаток од 12 милијарди евра во следната 2021 година, што е приближно на македонскиот бруто домашен производ, а дополнително ќе треба да ги покриеме амбициозните програми на новата методологија – вели амбасадорот Тимоние.