Винарската визба „Тиквеш“ ги исплати сите обврски кон лозарите за откупеното грозје од бербата 2018 година.
Винарницата на индивидуалните лозари и на правните лица, без капитално поврзаните субјекти, за преземеното грозје од 2018 година им исплати над 345 милиони денари. Откупените количини грозје надминаа 28 милиони килограми.
– Во бербата 2018 откупивме квалитетно грозје од дури 36 сорти што ќе ни овозможи да продолжиме со иновациите во нашето портфолио. Ова е од особено значење за понатамошниот деловен развој. И годинава, во предвидениот рок ги исплативме финансиски нарочните обврски кон лозарите. Тие се за нас долгорочни партнери и еден од главните столбови на нашата стратегија за производство на вина со врвен квалитет, кои се носат со големата конкуренција на регионалните и на светските пазари и го пробиваат патот за македонското вино – изјави генералниот директор на винарницата, Радош Вукиќевиќ.
Винарската визба „Тиквеш“ низ годините разви долгорочна соработка со лозарите, физички и правни лица, која се остварува преку континуирана едукација и поддршка при примената на современи агро – технички методи и практики во одгледување и заштита на лозовите насади. На лозарите кои ги почитуваат ваквите стручни совети и упатства „Тиквеш“ им го гарантира откупот на грозјето со висок квалитет и им обезбедува дополнителен бонус при исплатата на грозјето.