Во оваа прилика сакам посебно да се заблагодарам за досегашната успешна соработка со ТИКА, со чија помош е обезбедено комплетно ново амбулантно возило за прилепската болница, рече министерот за здравство Венко Филипче.
– Со оваа инвестиција дополнително се зајакнуваат капацитетите за транспорт на пациенти и се овозможува побрз и полесен пристап на пациентите до потребните здравствени услуги, особено што станува збор за пациенти во животозагрозувачка состојба, кога брзата реакција е од витално значење. Во изминатиот период, набавивме 12 нови амбулантни возила, а со денешната донација дополнително ги зајакнуваме капацитетите – изјави Филипче.
Програмскиот координатор на ТИКА во Република Северна Македонија, Ајтекин Ајден потенцираше дека оваа организација има реализирано бројни проекти со Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и услуга.
– Во последните неколку години, ТИКА реализираше бројни проекти со Министерството за здравство, почнувајќи од активности за полесен пристап до здравствените услуги, формирање нови здравствени центри, донирање техничка и медицинска опрема, инфраструктурно подобрување на здравствените институции, како и едукација за здравствен персонал. Денешната значајна донација е уште една потврда за нашата соработка, која се надеваме ќе продолжи и понатаму – информираше координаторот Ајден.
Новото амбулантно возило е со целосна високостандардна медицинска опрема. Вкупната вредност на донацијата изнесува 64.575 евра.
Директорот на Општата болница во Прилеп, д-р Драги Богоески на примопредавањето на возилото истакна дека оваа донација ќе помогне во решавање на проблемот со транспортот на потешко болните пациенти, кои имаат потреба од транспорт за натамошно лекување во клиниките во Скопје.
– Голема благодарност до ТИКА, Владата на Република Турција и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски за донираното санитетско возило за транспорт на пациенти. Во тек е активност преземена од менаџерскиот тим на болницата за обезбедување финансиски средства во форма на донација од фирмите во Прилеп за набавка на уште едно санитетско возило – рече директорот д-р Богоески.
Во изминативе две години, во оваа болница се реализирани 37 вработувања на неопределено работно време, а со договор на дело се ангажирани 37 лица. Во тек се огласи за вработување на неопределено работно време на уште 33 лица, а на определено работно време 37 лица.