Тракторист од Радовиш се здобил со тешки повреди, откако тракторот што го управувал се лизнал во нива. Неговите тројца сопатници успеале да скокнат, а нему му се заглавила ногата.
Според пријавата во полицијата, несреќата се случила вчера попладне на местото викано „Штолна“ во атарот на село Дамјан на земјен пат од село Погулево кон село Дамјан.
– С.Д.(83) од Радовиш управувајќи трактор „фергусон 735“ се лизнал во нива. Лицата Д.В. (73), Д.А.(73) и Ѓ.Ѓ. (72), сите од Радовиш, кои се превезувале со тракторот, успеале да скокнат од тракторот. С.Д не успеал во тоа бидејќи му се заглавила ногата, и се здобил со повреди. Тој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар во Штип, но поради сериозноста на повредите бил препратен во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување, наведува МВР.