Неколку работни денови и само еден викенд им беа доволни на техничките министри и на нивните заменици од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ да влезат во меѓусебни конфликти, а работата очигледно излезе толку многу од контрола што и самите партиски лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски беа принудени да реагираат и да ја смируваат топката.
Антисемитски напади
Се чини дека најстрашно беше во Министерството за труд и социјална политика со кое сега раководи техничката министерка Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот таму започнна откако Мизрахи на прес-конференција истакна дека има сознанија оти се заглавени дури 8.500 предмети за нега на трето лице. Оваа нејзина изјава веднаш наиде на негодување кај заменичката Санела Шкријељ од СДСМ, а препукувањата многу лесно се проширија и продолжија на социјалните мрежи. За да биде работата уште пострашна, партијата на Мицкоски на прес-конференција се повика на статуси и на „лајкови“ на статуси на Фејсбук и го обвини СДСМ дека врши антисемитски напади.
За ова регираше и лично Христијан Мицкоски кој се пожали дека блиски луѓе на Зоран Заев на социјалните мрежи вулгарно посочувале за Мизрахи дека „имало и Евреи кои работеле за нацистите“.
– Згрозен сум од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и кон Еврејскиот народ. И ова не е првпат, но овојпат е премногу – рече Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, ги повика функционерите да се воздржуваат од ширење говор на омраза.
– Во овој важен момент, пред да започнат предизборните кампањи, ги повикувам членовите и приврзаниците на сите политички партии, вклучително и на мојата СДСМ, како и сите функционери, да бидат одговорни во јавната комуникација, да избегнуваат и да отфрлаат говор кој содржи или може да поттикнува навреди и клевети и секогаш да иницираат суштински дебати по однос на важните прашања – истакна Заев.
Тој додаде дека фактот што македонската техничка Влада има министерка од еврејската заедница е само дополнителен бенефит кон градењето заедничко општество.
Несогласувања во МИОА
Огромни несогласувања имаше и во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), каде што технички заменик-министер е Невенка Стаменковска Стојковска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Таа посочи дека од досегашниот увид не било тешко да се заклучи дека во последните два масеца биле распишани дури 4.100 огласи за вработување во државната јавна администрација за плата повисока од 40.000 денари.
На ова нејзино обвинување веднаш пристигнаа реакции од партијата на Заев, наведувајќи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, владејачката СДСМ одговорно и транспарентно раководела со јавната администрација, уредно ги почитувала законските процедури и вработувала исклучиво по усвоени годишни планови за вработување.
Проблеми во МВР
Уште првиот ден кога седна на министерската фотелја, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека голем дел од раководниот менаџмент на МВР е директно во спрега со криминалните структури.
На ова негово обвинување реагираше техничката заменик-министерка Славјанка Петровска од СДСМ која ги отфрли тврдењата како целосна невистина.