Со пароли „Стоп за коцкањето“, на градскиот плоштад во Тетово се собраа група граѓани, како и претставниците на локалната власт, верските заедници и организаторите на протестот – „Движење против казината“. Заедно го изразија револтот од многубројните објекти за игри на среќа во градот, јави Мета.
Велат, младите на тој начин си ги уништуваат животите. Како претставник на тетовско-гостиварската епархија говореше отецот Александар Стојановски.
– Обединети, заедно со исламската верска заедница, и ние од тетовско-гостиварската епархија, сме тука да го поддржиме протестот против казината во Тетово. Коцкањето е едно од најголемите зла, на кое најмногу младите му стануваат робови. На тој начин се изопачуваат вистинските вредности, како што е семејството и посветеноста кон Бога – рече Стојановски.
Центарот на Тетово веќе подолг период е преполн со објекти за игри на среќа. Пред околу еден месец, се случи и огнена престрелка, токму пред еден од ваквите објекти во централното градско подрачје.