Седумнаесетгодишен ученик во тетовската гимназија е момчето кое вчера беше нападато од куче, а случајот беше и снимен од минувач со мобилен телефон. Ученикот, кој беше каснат на левата нога, нападот го пријавил и во тетовската полиција.
Денеска Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до граѓаните од тетовско-гостиварското подрачје доколку забележат лица кои со товарни или други возила од страна носат и истовараат, односно оставаат кучиња во Тетово, Гостивар или во други места, да се јават на телефонскиот број 192 и да ги пријават таквите случаи.
„На лицата кои ги оставаат кучињата без грижа и контрола на улиците или други јавни места им се укажува дека тоа законски ќе биде санкционирано со изготвување на соодветни поднесоци, односно со поднесување пријави против нив. Секторот за внатрешни работи Тетово во координација со тетовската локална самоуправа презема мерки за надминување на оваа појава, со цел граѓаните непречено и безбедно да се движат и да ги остваруваат своите секојдневни работни, образовни, здравствени и други потреби“, се вели во денешниот допис до јавноста од страна на СВР Тетово.
Во текот на вчерашниот ден граѓаните на Тетово преку фотографии на социјалните мрежи алармираа дека поголеми глутници од по 20-тина кучиња се движат низ градот, како низ болницата и други фреквентни места.