Биг Мама, Дани Димитровска, рок составот од Тетово Хај контрол (High control) и пејачот Шпат Касапи пееја вечерва на градскиот плоштад во Тетово во рамките на граѓанската прослава Македонија во НАТО и ЕУ под мотото „Одиме напред“.
На прославата присуствуваа и вицепремиерот за дијаспора Едмонд Адеми и заменик министрот за одбрана Беким Максути.
– Ова е исполнување на сонот на многу генерации како во Република Македонија, но и на тие што живеат надвор од државата бидејќи ова е голем исчекор за Македонија со што се враќаме на голема врата на меѓународно поле што пак значи и потреба за внатрешен економски развој и длабоки реформи во сите сфери во државата-изјави вицепремиерот Адеми.
Според Максути ова е можност сите граѓани на Република Македонија без разлика на националност, вера или политичка припадност да прославуваат бидејќи сите заслужуваат да прославуваат.
Претходно се одржа и прославата во Охрид каде што пееја Лозано со оркестар предводен од кларинетистот Исмаил Лумановски.
Забавата во Охрид почна нешто порано поради стартот на манифестацијата „Бела ноќ“ со која треба да се означи стартот на главната летна туристичка сезона на Охридската ривиера.
Во Охрид беше и министерот за здравство Венко Филипче, пратениците од Охрид во Собранието од редовите на владејачката СДСМ, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, како и советниците од СДСМ во Градскиот совет.