Тетовецот кој си ја уби сопругата под истрага за три кривични дела

121

Основното јавно обвинителство Тетово донесе nаредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали, соопшто Обвинителството.

– Осомничениот, на 14.10.2018 година, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот својата сопруга. Делото го извршил во куќата на нејзиниот брат во тетовска Мала Речица, каде што влегол насилно, кршејќи ја бравата. По вербална расправија со сега починатата, кон неа испукал два куршуми од пиштол марка „ТТ“ со калибар 7,62мм, што го поседувал без дозвола, погодувајќи ја во пределот на вратот и на градниот кош. Од здобиените повреди, жената починала на лице место.

По настанот, осомничениот го напуштил местото, а само неколку минути подоцна, со умисла се обидел да лиши од живот уште едно лице. Имено, додека оштетениот се наоѓал во неговото патничко моторно возило и го стартувал за да влезе во неговиот двор, од горната страна на улицата наишол осомничениот со автомобил, застанал паралелно со возилото на оштетениот и испукал кон него два куршуми од истиот пиштол.

Оштетениот успеал да ги избегне куршумите, наведнувајќи се над совозачкото седиште, по што осомничениот го напуштил местото.

Осомниченото лице било пронајдено и лишено од слобода вчера попладне во селото Гајре, при што од страна на овластени полициски службеници му е одземен и наведениот пиштол и седум куршуми пиштолска муниција, стои во соопштението.

Тетовското обвинителство предлага притвор за осомничениот.

C

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...